Нема договор, но има надеж за Делчев, Георгиевски планира да ги убеди Бугарите да не не блокираат

од Берта Китинска
381 прегледи

Средбата на историчарите, вчера заврши без решенија на маса  за идентитетот на Гоце Делчев.

„Сиво и облачно со малку сонце“, но со надеж дека ќе дојдат повеќе „сончеви денови“, изјави Ангел Димитров претседател на бугарскиот тим.

Ко-претседателот од македонска страна Драги Ѓоргиев оцени дека бил постигнат мал напредок и побара повеќе трпение за нивната работа.

На прашањето дали до крајот на годината ќе најдат решение за Делчев, како што бараат политичарите, Ѓоргиев и Димитров, само се насмевнаа и порачаа дека не се производители со рок, туку историчари со факти.

– Идентитетот на Гоце Делчев го определувал тој самиот, не ние, тоа не е наша работа. Тој го определил и тој таков каков што е, какво што е неговото семејство и средината кога е формиран како личност. Тоа е идентитетот. – рече Ангел Димитров претседател на бугарскиот тим.

Историчарите се согласни дека тие разговараат на експертско ниво, а политичарите имаат своја агенда.

Освен за Делчев се дискутирало и за средновековната историја во однос на претставувањето на Светите Кирил и Методиј, Самоиловото царство и други настани од тоа време во македонските учебници.

Со оглед на последните најави од Софија за намерата да се прогласат Кирил и Методиј за „бугарски просветители“, Комисијата ја повторила претходно постигнатата согласност дека се работи за „сесловенски и христијански просветители”. За јазикот и идентитетот не се разговарало.

За следната година, пак, предвидени се пет средби доколку тоа го дозволи пандемијата со коронавирусот. Мешовитата комисија не разговарала за јазикот бидејќи, како што велат, тоа е прашање за лингвистите.

Каракачанов смета дека македонската страна нема намера да води отворен дијалог

Бугарскиот вицепремиер и лидер на националистичката партија ВМРО, Красимир Каракачанов, денеска изјави дека политичарите во Скопје не треба да се потпираат на надворешниот притисок врз Бугарија за решавање на контроверзните прашања во билатералните односи. „Почитувајте го Договорот за добрососедство, бидете искрени и постапувајте со интегритет е патот за нив – или во спротивно не гледам какво добро може да очекуваат од Бугарија“, рече Каракачанов пред новинарите.

Тој рече „македонската страна нема намера да води отворен дијалог и дека властите продолжуваат да сметаат дека некој, Германија, САД, администрацијата во Брисел, некој друг, ќе изврши притисок врз Бугарија да се поклони“. “Ова се пораките што ги гледам. Се надевам дека не сум во право. Ајде да видиме како заедничката комисија ја завршува нивната работа денес”, рече вицепремиерот додавајќи дека “не очекува чуда од Скопје”.

Тој рече дека доказ за неговите стравови се извештаите дека споменикот на полковник Борис Сарафов, бугарскиот офицер што го организираше Илинденското востание во Македонија бил расклопен и однесен да биде исечен.

Георгиевски планира да оди во Софија да ги убедува Бугарите да не не блокираат

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во гостувањето во емисијата 360 степени вели дека тој планира да отиде во Бугарија за да разбие неколку тези.

-Во тој меморандум има и доста непријатни и недипломатски работи и беше вишок во нашите односи. Ние имаме изворни информации и подолго време се обидувам преку мои познанаци, а и планирам да отидам таму. Ќе се обидам да разбијам неколку тези таму. Првата теза е ако Бугарија сега ја пушти Македонија, тука ќе заврши се со историјата. Тоа не е точно. Никој не може да му збрани на некој историчар да пишува како сака. Ние со Грција јавно се откажаваме од античката историја, но пак имаме историчари кои пишуваат за античка Македонија. Мораме да констатитараме дека Македонија изминатите години беше многу затворена кон Бугарија. Но, сега со оваа влада која декларира пријалтество со Бугарија. Имавме една позитивна атмосфера кон Бугарија, а сега луѓето доживуваат еден удар. Бугарската јавност треба да сфати дека ако сега почнат преговорите, ништо не е затворено. Тие ќе може да си пишуваат за историјата како сакаат. А, и понатаму ќе можат да не блокираат кога сакаат, вели Георгиевски.

 

Слични содржини