Нема докази дека алкохолот по вакцинацијата против ковид влијае на ефикасноста на вакцината, рече британската агенција за регулирање на лекови (МХРА), која реагираше откако на социјалните мрежи се појавија написи за потребата од воздржување од алкохол две недели по вакцинирањето.
„Досега нема докази дека алкохолот влијае на ефективноста на вакцината против ковид“, соопшти МХРА.
Исто така, ништо во информациите на производителот на вакцини или во упатствата на Британската здравствена служба (НХС) не сугерира ваков заклучок.
Се смета дека теоријата за две недели воздржување од алкохол по вакцинирањето потекнува од Русија, каде еден од официјалните лица јавно предупреди дека алкохолот може да му наштети на способноста на организмот да развие антитела.
Илхем Месауди, директор на Центарот за истражување на вируси на Универзитетот во Калифорнија, вели дека голема консумација на алкохол генерално го нарушува имунитетот и го прави консументот ранлив на инфекции.
„Но, кај луѓето кои консумираат алкохол во умерени количини, не постои ризик“, рече таа, објаснувајќи дека не повеќе од два алкохолни пијалоци на ден за мажи и еден за жени се сметаат за умерена консумација.