Францускиот претседател Емануел Макрон има интерес да се направи исчекор во однос на проширувањето на ЕУ, со земјите од Западен Балкан. Во однос на посетата на Петков и Радев во Париз, во моментов нема такво нешто и нема таков документ во кој што се прифатени барања само на една страна. Преговарачката рамка е мултилатерален документ, кој што треба и ние да го одобриме. Рамката е преговори со ЕУ и усогласување на патот на една држава која се интегрира, вели премиерот Димитар Ковачевски околу евентуалното заминување на бугарските власти во Елисејската палата.
Според премиерот, предлогот на Макрон е повеќе наменет за Украина, Молдавија и Грузија и за како тие да бидат вклучени.
-За мене е важно и за граѓаните, соработката околу образованието, економијата, инфраструктурата. Историјата не треба да биде пречка и тоа не може да биде дел од критиериумите за пристапување кон ЕУ, додаде Ковачевски во емисијата „Само интервју“.
-Сметам дека Мешовитата историска комисија е таа која зборува за историјата и таа не е никаков проблем. Имаме комисија и со Грција, постои и меѓу други држави кои имале несогласувања. Работата на историските комисии не смее да се злоупотребува за дневна политика, нагласи Ковачевски.