Нема импровизации – точно се знае кој предлага министри, рече Ковачевски за техничката влада

од Nikola Popovski
157 прегледи

Техничката влада е дефинирана согласно закон и точно се знае кој предлага министри. Законска обврска е и најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ да предложи министри и заменици во предвидените министерства, во спротивно, тоа ќе стави дамка на целиот изборен процес, порача денеска претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Според него, нема да има импровизации, бидејќи со закон е регулирано кои позиции се менуваат на 100 дена пред избори.

-Сè е дефинирано во законот за техничка Влада. Нема импровизации во тој дел. Таму е точно наведено. Доколку почнеме да навлегуваме во процеси на импровизирање, тогаш веќе се става дамка на целиот процес, кажа Ковачевски по посетата на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов” во МАНУ.

Во однос на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи министри и заменици за техничката влада, тој повтори дека тоа е законска обврска исто како што е законска обврска и претседателот на Владата да поднесе оставка 100 дена пред одржување на изборите.

Преодната Влада се избира сто дена пред изборите. Според Законот за Владата најпрво оставка поднесува актуелниот премиер која Собранието треба да ја констатира. Тоа значи оставка и на целата влада. Претседателот на државата му го доверува мандатот на кандидатот за преоден премиер за составување на кабинетот. Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во преодната Влада министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика предлага опозициската партија со најголем број пратеници (ВМРО-ДПМНЕ). На предлог на премиерот Собранието именува дополнителни заменици на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика од редовите на власта (СДСМ), но и од опозицијата и тоа во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.

Мандатот на преодната Влада трае од изборот, па, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници.

Основна задача на преодната влада е организирање фер и демократски парламентарни избори.

Слични содржини