Нема информација кога пратениците со безбедносен сертификат ќе имаат увид во Договорот за коридорите 8 и 10д

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Нема информација дали Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д е стасан во Собранието и дали тој ќе биде доставен до пратениците со безбедносен сертификат или само ќе им биде презентиран.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието велат дека штом ќе имаат информација за тоа ќе информираат.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека веднаш штом ќе има известување од Собранието, владини претставници ќе го презентираат Договорот со „Бехтел и Енка“ пред пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека по барањето што го доставија пратениците го известил претседателот на Собранието дека владиниот тим е подготвен веднаш да го презентира Договорот пред собраниското тело што ќе биде определено.

– Дел од пратениците испратија писмо до Владата да се запознаат со Договорот, јас веќе одговорив до претседателот на Собранието, не знам дали го има примено во неговата архива, бидејќи беше на службен пат, во коешто го информирав, исто како што стоеше и во соопштението, дека тимот на Владата е подготвен на Комисија или на тело што ќе го определи Собранието веднаш да отиде и да го презентира Договорот пред сите пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат. Кога ќе кажат од Собранието, подготвени се веднаш да отидат, бидејќи сепак на владините претставници треба да им се каже во која Комисија треба да отидат, изјави Ковачевски, по отворањето на Самитот Македонија 2025.

Слични содржини