Министерот за животна средина Насер Нуредини денеска изјави дека нема да биде легализирана ниту една дивоградба на Шар Шланина.
„Поминаа точно две години откако јас станав министер до усвојувањето на Законот. Откако минатата недела, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство од 66 гласови, за жал не 90 како на првото читање, го изгласаа нашиот предлог за прогласување на македонскиот дел од Шар Планина за национален парк, оваа недела беше потпишан и указот од страна на претседателот, со што нашата држава донесе историска одлука и го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето“, вели Нуредини.
Министерот додаде дека ренџерска служба ќе се грижи и ќе го чува националниот парк Шар Планина. Управувачката структура и начинот на функционирање ќе биде ист како и кај сите други национални паркови во државата уредени во Законот за заштита на природата.
Вкупната површина која е ставена под заштита е 62.705 хектари, од кои 26,5 проценти се во зона на строга заштита, 49,06 проценти во зона на активно управување и 22,2 проценти одржливо користење.