Судијката Дијана Груевска-Илиевска која го води процесот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска на првото рочиште порача дека сите докази ќе бидат изведени, освен некои за кои ќе мислат дека се ирелевантни за да не се одолговлекува постапката.
-Можеме да ви гарантираме дека колку што можеме ќе бидеме транспарентни и ќе бидете информарани во јавноста. Гледате дека нема место за сите оштетени и сите членови на семејствата. Затоа моја препорака и на целиот Совет е барем колку што можете, барем по еден да се договарате. Ги имате датумите и да се организирате, барем по еден претставник итн, за да можеме полесно да работиме. Се што може овој Совет ќе направи за оваа постапка да тече, рече судијката.
Груевска Илиевска исто така порача дека не може да гарантира брзина на судскиот процес затоа што, како што рече, со секое брзање може да се направи грешка, што потоа евентуално би довела до несакано пропаѓање на предметот.
-Никој не знае колку ќе трае процесот во моментов. Дали пет месеци или пет години…Буквално никој тоа не може да го знае. Само апелирам и барам дисциплина. Ако почнеме редовно сите да доаѓаме, мислам дека редовно ќе си тече постапката и како што сите сакаме, ќе си дојдеме до вистината и правдата, рече судијката на почетокот на најголемиот судски процес во историјата на Македонија.