„Нема мир без слобода“: Нов протестен марш во солидарност со Палестина

„Протестот има за цел да потсети дека мир без слобода не постои, и дека правдата за Палестина е предуслов за праведен свет“, се наведува во соопштението од иницијативата „Сите за Палестина“

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Фејсбук профил на ЗХГ

Иницијативата „Сите за Палестина“ организира протестен марш со цел изразување солидарност со палестинскиот народ и осуда на геноцидот во Газа. Настанот ќе се одржи во сабота, 1 ноември 2025 година, со почеток во 12:00 часот, пред споменикот „Симфонија на мирот“ на плоштадот Слобода.

Маршот ќе продолжи по централното градско подрачје, минувајќи пред зградата на Собранието и завршувајќи пред зградата на Министерството за надворешни работи.

„Настанот е дел од глобалното движење на солидарност со Палестина, кое го насочува вниманието кон итната потреба од непречен пристап на хуманитарна помош за Газа и праведна реконструкција под водство на палестинскиот народ. И покрај формалниот прекин на огнот, продолжуваат нападите, ограничувањата на помошта и насилството врз цивили и медицински персонал, што докажува дека тековниот „мир“ не значи крај на злосторствата ниту исполнување на меѓународните обврски, што дополнително ја засилува потребата од политички и правен притисок за вистинска правда и слобода за палестинскиот народ.

Протестот има за цел да потсети дека мир без слобода не постои, и дека правдата за Палестина е предуслов за праведен свет“, се наведува во соопштението од иницијативата „Сите за Палестина“.