„Големо разочарување“ – вака претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов го опиша денешниот Економско-социјален совет, на кој што побарале 500 евра минимална плата во Македонија.
-Нема изгледи за зголемување на минималната плата. Тоа што го слушнавме внатре е дека ССМ многу бара и дека работниците многу бараат и дека треба да бидеме среќни со тие плати што ги добиваме. Се обидоа да не искараат во Влада дека многу сме барале за работниците. Исто така работодавачите сметаат дека нема простор за зголемување за минималната плата, дека доволно ги плаќаат работниците и дека не се продуктивни. морам да истакнам дека беше прифатена иницијативата на ССМ за платите на вработените во приватниот сектор, јавниот, како и за растот на минималната. Изгледа работниците во Македонија премногу очекуваат, вели Трендафилов во изјава за медиумите.
Тој најави дека како ССМ до средината на август ќе имаат седница за што ќе одлучат за понатамошните чекори кои евентуално би ги презеле.
-Краткиот временски период што го имаат Владата и пратениците до распишување на локалните избори, не охрабрува. Македонските аботници веројатно ќе останат со најниска плата во регионот. Македонија е под дното со платите, додаде првиот синдикалец во државата.