Нема напредок со случајот за Маврово, оцени Бернската конвенција

Според „Еко-свест“, нема виден напредок со спроведување на препораките во случајот за националниот парк Маврово и изградбата на хидроцентрали на неговата територија

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Национален парк „Маврово“

Невладината „Еко-свест“ информира дека постојаниот Комитет на Бернската Конвенција кој заседава секоја година во декември во Стразбур, го разгледуваше случајот за националниот парк Маврово и изградбата на хидроцентрали на неговата територија и заклучи дека нема виден напредок со спроведување на препораките.

Случајот за Маврово беше отворен во 2014 година и оттогаш Бернската конвенција будно го следи напредокот на Македонија во однос на исполнување на дадените препораки за разрешување на овој случај.

Оваа година беше заклучено дека:

– Измените на законот за води не се донесени

– Нов Закон за природа не е донесен

– Националниот парк Маврово не е репрогласен

– Сите концесии за хидроцентрали во Маврово не се откажани

Сите овие точки беа забележан и во Извештај за напредокот на Македонија на Европската комисија за 2025 година.

„Поради слабиот напредок, Комитетот ја изрази својата загриженост и усвои одлука да спроведе теренска посета во Македонија во текот на 2026 година, со цел да помогне во откочување на процесите и постигнување на задоволителен напредок. Очигледно е дека и по 11 години од отворањето на случајот, нема доволен интерес за негово разрешување преку примена на сите дадени препораки“ изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, подносителот на случајот во Бернската конвенција.

Од голема важност за успешно затворање на случајот е донесување на законот за води и нов закон за природа, прогласување на Маврово согласно меѓународните стандарди, донесување на национален акциски план за Балканскиот рис и обезбедување на државни финансии за заштитените подрачја. Како главна препорака останува забраната за изградба на хидроцентрали во заштитени подрачја која мора итно законски да се воспостави и практично да се спроведе.