Нема нарушување на структурниот интегритет на мостот „Беласица“, тврди Арсовска и побара да не се шири страв и паника

од Vladimir Zorba
231 прегледи

Првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска на прес – конференција одржана на мостот „Беласица“.

-Сакам оваа прилика да ја искористам и да ги замолам сите институции кои се сметаат за засегнати да не шират страв и паника кај граѓаните со паушални тврдења кои се однесуваат на било какви наводни структурни оштетувања на мостот, рече Арсовска.

Посочи дека Службите на Градот Скопје и таа лично уште од првата вечер се на терен на увид во настаната штета при пожарот.

-Денеска со мене е и еден од најголемите експерти не само во Македонија туку и пошироко професорот Михаил Гаревски кој во текот на изминатата недела изврши иницијални проверки со цел да добиеме потврда и да бидеме сигурни дека во моментот кога мостот ќе биде пуштен во употреба нема да биде загрозен никој, нагласи Арсовска.

Таа напомена дека заедно со помошта на видни стручни лица од областа, Град Скопје ги превзема сите потребни проверки со цел да бидеме сигурни дека никој нема да биде доведен во опасност и затоа се спроведува детално истражување за штетата која би можела пожарот да ја нанесе на мостот „Беласица“.

Арсовска упати апел до сите институции да бидат на висина на задачата и прво да се спроведат сите можни испитувања на мостот „Беласица“ како што тоа го прави Градот Скопје со цел, како што истакна, да дојдеме до вистински заклучок кога најбрзо мостот може повторно да биде пуштен во употреба.

-Паушалните тврдења како досега кои произлегоа од политичките агенди на групи и поединци, што само шират страв и паника помеѓу граѓаните, не помагаат никому. Жалам што можам да констатирам дека секоја непогода со која се соочува градот резултира со медиумски линч на градската администрација иако на граѓаните им е јасно дека се работи само за очајни обиди за собирање на политички поени, рече Арсовска.

Слични содржини