„Нема нова давачка за струја, мрежарината се наплаќа отсекогаш“

од Берта Китинска
202 прегледи

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски, вели дека институцијата во целост ги следи препораките од Владата за штедење електрична енергија што од денеска стапија во сила.

„Денеска дојдов по скали на работа, имам проблеми со тежината и планирам да ја намалам. Како што гледате, светлото е ограничено, немаме пуштено ладење, така што апсолутно сите мерки коишто се за штедење ќе ги преземеме и тие се мерки коишто не ги презема само Македонија, ги преземаат и соседните земји, земји од ЕУ. Сметам дека целата јавност треба малку посериозно да се однесува кон овие мерки за штедење, бидејќи во услови на цена на електрична енергија на берзите од 700-800 евра мислам дека ниедна компанија не може нормално да работи со оваа цена особено, компаниите коишто имаат производен процес. Сметам дека и државата во овој дел ќе мора некако да им помогне од аспект на обезбедување на поевтина електрична енергија“, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.

Бислимоски, воедно ги отфрли како неточни шпекулациите што во изминатиот период се појавија во јавноста дека е воведена нова давачка за пренос и дистрибуција на електрична енергија.

„Има само една вистина, а тоа е дека нема никаква нова давачка, туку во новите сметки граѓаните добиваат цена за електрична енергија како продукт и цена за користење на мрежарината. Оваа пракса ја има во сите земји членки на ЕУ“,беше дециден Бислимоски.

Според претседателот на РКЕ, откога се наплаќа електрична енергија во Македонија некаде од педесеттите години на минатиот век отсекогаш се плаќало за производство на електрична енергија или за набавка доколку имало потреба од увоз, за пренос на електрична енергија за да помине електричната енергија низ преносната мрежа која што е на висок напон од 110 киловолти до 400 киловолти и се плаќало за дистрибуција на електрична енергија.

„Со последните одлуки на РКЕ нашето законодавство и нашите одлуки ги усогласивме со европската пракса и сега граѓаните добиваат посебна цена за електричната енергија како продукт и цената за секој блок за да знаат колку ги чини електричната енергија и добиваат посебна ставка за користење на преносната и дистрибутивната мрежа,рече Бислимоски.

Тој истакна дека сите потрошувачи во државата коишто се на слободен пазар од 1 април 2014 добиваат две посебни сметки и дека немало никаков проблем – посебно за електрична енергија како продукт и посебно за користење на мрежа.

„Сега се е исто како претходно, само е издвоено за да имаат потрошувачите информација колку ги чини електричната енергија како продукт и колку ги чини мрежарината. Шпекулациите дека е некоја нова давачка единствено служат за нечиј личен ПР и за лажење на граѓаните“,истакна првиот човек на РКЕ.

Слични содржини