Нема нови учебници за седмо одделение – од 1. септември ќе се учи од старите, рече Јаневска

од Nikola Popovski
46 прегледи

Новата министерка за образование и наука, Весна Јаневска информира дека нема да има нови учебници за учениците од седмо одделение. Според неа, останатите веќе се дистрибуираат.

-За седмо одделение нема да печатат ниту еден единствен учебник, ниту еден не е предаден за печат, а колку што разбрав, за одреден број учебници процедурата не е завршена, некои не се напишани, кај некои не е помината рецензијата, не е поминато ниту во БРО, ниту во национална комисија, што значи дека апсолутно никаква, ни минимална шанса нема да се стигне, ниту за еден учебник до 1 септември, рече Јаневска во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.

Проблемот, според Јаневска, ќе се решава со користење на стари учебници откако се потврдило дека има компатибилност помеѓу старата и новата програма. Добила и уверување дека децата нема да имаат никаква штета доколку во седмо одделение продолжат да учат по старата програма, со тоа што, како што вели, можеби ќе треба да се доработат одредени теми кои ги немало претходно.

Министерката исто така најави дека ревизијата на Концепцијата за основно образование би траела најмалку една година.

-Најпроблематична е интеграцијата на предметите, тоа не беше прифатено ни од стручната фела, ниту од наставниците практичари, додава Јаневска.

Информираше дека ќе се организираат и повеќе обуки кои се од интерес на наставниците, ќе се работи на обезбедување учебници за сите ученици, а меѓу приоритетите ќе бидат и дигитализацијата и инклузијата на образовниот систем.

Слични содржини