Нема отпор за примање на К5-административци, вели Груби

од Берта Китинска
332 прегледи

Вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во врска со изјавата на директорот на Државниот пазарен инспекторат дека за него се неприфатливи 35-те рамковно вработени ја оцени како несреќни изјави и дека оваа ситуација ќе се реши.

-Има некои несреќни изјави на челници на државни институции, но мислам дека и тие ќе се решат. Значи, нема отпор за примање на К5-административци, рече денеска Груби.

Тој вели дека не гледам ништо спорно во процесот со вработените рамковни административци.

-Целиот процес ќе се заврши до ребалансот на буџетот кога средствата од министерството за  политички систем ќе бидат распредели до другите институции каде се примени овие лица за работа.Рамковните административци кои ќе ја одбијат понудената работа, ќе добијат уште една шанса да си го најдат своето работно место во државната администрација, во спротивно ќе им следува отказ, рече првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

Тој напомена дека тие кои ќе ги одбијат работните позиции ќе бидат префрлени на трансфер листата на Министерството за информатичко општество и администрација.

-МИОА има трансфер листа за вработените на кои им е укинато работното место во институциите во кои работат и се во очекување на понуда од друга институција којашто има потреба за такви вработени. Ако не ја прифатат првата понуда којашто ќе им биде доделена на нив тогаш остануваат без ангажман и без работни места, рече  Груби.

Таква ситуација имаше во Државниот пазарен инспекторат каде се распределени 35 административци и дел од нив поради поинаков профил на стручно образование не можеле да се вклопат на работната позиција како инспектори.

Вчера директорот на ДПИ Стојко Пауновски реагираше дека „овие службеници кои досега не одеа на работа, а земаа плата бараат да бидат вработени во три града во западниот дел од земјата, а ДПИ има потреба од инспектори на истокот“.

Слични содржини