Нема производ што СДСМ не го поскапе, порачаа од партијата на власт по критиките за мерките

од Nikola Popovski
42 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ упати силни критики кон СДСМ откако денеска истекува владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо, што беше воведена пред верските празници. „Кога СДСМ зборува за поскапувања, тоа е како пироман да ви држи лекција за гаснење на пожари“, порачуваат од најголемата владеачка партија.

Според партијата на Христијан Мицкоски, „додека народот пресметуваше дали да купи леб или лекови, нивните функционери со луѓе блиски до Заев и Филипче шетаа по Малдиви, плаќаа луксузни авиокарти и купуваа маички XXL од државна сметка“.

-Нема производ што не го поскапеа, нема данок што не го покачија, нема сиромашен што не го направија уште посиромашен…СДС не е опозиција – тие се траумата на граѓаните. Тие не нудат алтернатива – тие потсетуваат на времето кога државата беше претворена во банкомат за партиски играчи. Нивните критики денес се обид за рехабилитација на сопствената политичка мизерија. Неуспешен обид, велат меѓу другото од партијата на власт.

Претходно од СДСМ порачаа дека „наместо системско решение за спречување на ценовните шокови, добивме маркетиншки трикови и привремени потези кои немаат реален ефект“.

-Македонија има најниски плати во регионот, а истовремено плаќа едни од највисоките цени. Владата нема стратегија, нема визија, нема план. Наместо суштински политики, се сведоци сме на декларативни изјави и обвинувања кон опозицијата, додаваат од „Бихаќка“ за ограничувањето на маржите.

Престанува да важи владината мерка за ограничување на цените и маржите на основни производи, воведена пред верските празници. Од Министерството за економија велат дека во наредниот период ќе следат анализи, а во случај на злоупотреби, се најавуваат нови, построги мерки. Според ресорниот министер, Бесар Дурмиши, ефектите од ограничувањето на маржите до 10% биле позитивни, со намалување на инфлацијата и цените на храна и пијалаци.

Откако граѓани два пати бојкотираа маркети поради високи цени на храната, Владата го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.

Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи и до 50 отсто.