Не се остварија стравувањата на синдикалците за евентуална работа од дома претстојнава зима, поради енергетската и економската криза. Од Владата за ваквата идеја информираа на почетокот на октомври, во рамки на Планот за фискална консолидација.
„Бројката на вработени во јавната администрација во екот на економската криза, нема да се намалува, но ќе мора да се намалат трошоците. Во време на криза сите треба да го понесеме товарот, не е време за калкулации“, изјави тогаш вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Синдикатите остро реагираа на можноста да работат од дома, сметајќи дека тоа ќе влијае на износот на месечните примања. Трпе Деановски од Синдикатот на Управата (УПОЗ), за Цивил вели дека тие остануваат на истиот став, истакнувајќи дека штедењето со работа од дома е остварливо само ако институциите се целосно дигитализирани.
-Ние уште стоиме на истиот став и сме против, бидејќи не е завршен процесот на дигитализација и ќе се намалат платите ако се работи од дома. Во ред е штедењето, но не е штедење ако институцијата да те натера да работиш од дома, да плаќаш повеќе струја, вода, онтернет и уште платата да е намалена. Додека пак за некои институции што се целосно дигитализирани како Катастар, секако има можност да се работи од дома, вели Деановски.
Премиерот Димитар Ковачевски претходно истакна дека целта не е да се кратат платите на работниците, туку со план да се консолидираат трошоците и да се подобри квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Тој кажа дека со ротирање на вработените ќе се намалат трошоците за електрична енергија, за греење, како и оперативните трошоци. Сепак, Ковачевски додаде дека консолидацијата на расходите во државните институции, вклучително и на јавните претпријатија и трговските друштва преку консолидација на трошоците за плати не значи намалување на платите.