Нема веќе бесплатни кеси: Дали производителите на еко амбалажа ќе ги задоволат потребите на пазарот ?

од Vladimir Zorba
598 прегледи

Покачената цена на кесите кои од среда потрошувачите во маркетите  ќе ги купуваат за 15 денари засега е единствената разлика во однос на досегашната пракса во која тие беа бесплатни или пак се купуваа за 2 денари. Примената на законот е пролонгирана за производителите на кесите и за фирмите кои ги снабдуваат со суровина (репроматеријали, што практично значи дека нема измена во однос на дебелината на фолијата , односно нормите за тоа колку таа  треба да биде најтенка.

„Единствениот услов кој останува и за кој од барањата на клиентите разбравме е дека фолијата треба да биде биорагзградлива (оксо разградлива) или рециклирана“, вели за „Локално“ сопственикот на една од најголемите компании за производство на кеси. Тој посочува дека кесите за малопродажба кои се користат во маркетите познати како трегерици и досега биле биоразградиви  бидејќи во процесот на нивно производство се користат адитиви за разградување.

Проблем не очекуваат ни во однос на изработка  на кеси од  рециклиран материјал бидејќи и досега ги произведувале и тоа од отпаден најлон кој потоа се рециклира.

„Но, досега стануваше збор за мали количини , а доколку поголем дел од производството треба да се пренамени за рециклирана фолија  ние како произведувачи би имале проблем да ја набавиме таа количина  за да се реализираат нарачките“, велат од компанијата.

Посочуваат дека во однос на целиот процес има многу дилеми, а  прашања и негодувања секојдневно  слушаат и од клиентите, но во пракса сите полека се подготвуваат за примена на новите правила.

Поголеми проблеми не очекуваат ниту угостителските објекти  на кои според Законот ќе им биде забрането да продаваат храна во пластични еднократни пакувања во заштитетните природни подрачја. Според претседателот на Здружението на угостители Здравко Јосифовски, добар дел од угостителите веќе набавуваат и користат еко пакувања од еколошки и биоразградливи материјали, но проблем според него ќе биде дали производителите на ваков вид амбалажа ќе можат да ги испораќаат бараните количини.

Верувам дека од 1ви декември сите угостители, не само оние во заштитени природни подрачка, кои користат амбалажа во своето работење веќе нарачале или обезбедиле нова еко амбалажа и се спремни да се прилагодат согласно новиот закон. Во моментов поголем проблем е дали добавувачите и производителите на еко амбалажа се спремни да ги задоволат потребите на пазарот“, вели Јосифовски за „Локално“.

Посочува дека  поради повисоките цени на новата еко амбалажа можно е малопродажните цени да претрпат минимални измени со цел одржување на стандардот и квалитетот на услугите и производите што ги нудат угостителите. Сигурен е дека доследното и подеднакво почитување на мерката од сите страни, а не само од угостителите, ќе допринесе за унапредување на еколошката свест и заштита на животната средина, но  упатува забелешка  во однос на отуството на каков бил контакт од страна на надлежните.

Во случајов при донесувањето на оваа група на закони од областа на управување со отпад воопшто не е контактирана комората за придонес што може да го направи за правилна и побрза примена на овие закони“, вели Јосифовски.

Во насока на побрза примена на Законот предлага неколку алтернативни и дополнителни чекори межу кои и субвенционирање на трошоците по примерот на мој ДДВ.

Со цел овие законски промени од областа на управување на отпадот да бидат побрзо применливи и прифатливи можеше да се направат мерки за субвенционирање на трошоците и селекцијата на отпадот по примерот на мерката за поврат на мој ДДВ со што би се поттикнале не само угостителите туку и граѓаните  правилно да го селектираат и складираат отпадот со цел унапредување и заштита на животната средина“, вели тој.

Предлог на комората се  и национални кампањи со кои според нив  ќе се подигне свеста пред се кај граѓаните, а потоа и кај сите засегнати и инволвирани страни и индустрии за бенефитите од новите законски процедури.

Владата досега неколку пати посочи дека целта на новите законски одредби е да  се намали употребата на пластика. Според министерот за животна средина и просторно планирање Насер Уредини  средствата  што ќе се создаваат од тие 15 денари при секое купување на кесе ќе одат во фонд со кој ќе се инвестира во животната средина а исто така ќе се инвестираат  и во свесноста на граѓаните , како да го третираат  отпадот во државата. .

Инаку од почетокот на јули во земјите членки на Унијата стапија на сила забраните за употреба на пластични производи за еднократна употреба. До сега, во целост се применува во само 8 од 27 те членки, каде сламките за пиење, пластичните шољи,чинии, прибори за јадење, кесите за пакување храна, чепкалките за уши, не исклучени од продажба. Во употреба остануваат пластичните ПЕТ шишиња.

К.В.С.

Слични содржини