Нема веќе работни дозволи, Македонците се потешко до работа во Германија

-Програмата ќе биде ставена во мирување, бидејќи квотата за работници од Западен Балкан е исполнета. Секоја година од Македонија одеа од 5 до 7 илјади работници. Тие не издаваа толку работни дозволи за наши работници, но тоа беше таргет, вели за „Локално“, Зоран Кочовски - сопственик на Агенцијата за посредување при вработување „Коузон“

од Nikola Popovski
189 прегледи

Квотата за издавање работни дозволи за Германија за работниците од Западен Балкан за 2025 година е исполнета. Тоа значи дека до крајот на годината македонските работници нема да можат да одат на работа во Германија. Сите 50.000 работни дозволи, чиј број беше зголемен во јуни 2024, веќе се доделени на работниците од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија. Германската агенција за вработување упати јасно предупредување до работодавците: одбиените апликации за оваа година нема автоматски да се пренесат за следната. Според забрзаната процедура, работодавците прво добиваат претходно одобрение од Агенцијата за вработување, по што работниците од регионот, со веќе склучен договор, брзо ги добиваат потребните документи во конзуларните претставништва.

Според Зоран Кочовски, сопственик на Агенцијата за посредување при вработување „Коузон“, како што стојат работите во германската економија се поизвесно е дека квотата на работници од Западен Балкан ќе биде преполовена.

– Програмата ќе биде ставена во мирување, бидејќи квотата за работници од Западен Балкан е исполнета. Секоја година од Македонија одеа од 5 до 7 илјади работници. Тие не издаваа толку работни дозволи за наши работници, но тоа беше таргет. Најчесто се бараа работници за дефицитарните професии – градежништво, медицинска грижа, возачи на камиони, како и други сервисни услуги. Програмата стартуваше во јуни 2024 година и имаше олеснување за добивање на визи за работниците од Западен Балкан кои одеа на работа во Германија. По новите правила, работниците пред да одат во Германија требаше да имаат работни дозволи. Но, лотаријата беше укината оваа година поради голем број на апликанти, изјави за „Локално“, Кочовски.

Зоран Кочовски/Фејсбук

Причините, според Кочовски, се економските проблеми и намалениот интерес од германските работодавачи кои ја редуцираа потребата од работници од Македонија.

-За 2026 година се уште нема информации дали и колку македонски работници ќе можат да заминат на привремена работа во Германија. Според информациите квотата ќе биде преполовена, односно за шест месеци ќе се издадат само 25 илјади работни дозволи за сите работници од Западен Балкан. Тоа значи дека ако од Македонија на работа во Германија претходно оделе 5 илјади сега ќе одат само 2 до 3 илјади работници, објаснува Кочовски.

Тој додава дека поради кризата во Гермнанија значително е намалена потребата од вработување на странци, но добро е што се уште нема драстични отпуштања од секторите во кои има дефицит.

Најавата на германската Владата за намалување на бројот на работници од странство наиде на остри критики од здруженијата на работодавци, кои предупредуваат дека може да дојде до колапс на економијата.

Од Германското здружение на хотелиери и угостители апелираат дека угостителството очајно има потреба од мотивирани работници и бараат квотата не само да не се намали, туку и да се зголеми и прошири на други земји. Тие остро ги отфрлаат стравовите дека странските работници ќе го оптоварат социјалниот систем, нагласувајќи дека регулативата за земјите од Западен Балкан гарантира дека работниците доаѓаат со веќе потпишан, важечки договор кој им обезбедува егзистенција. Ова е решение за дефицитот, не социјален проблем.

Б.С.