Нема задна намера-институциите треба да направат дополнителни проверки, вели Петровска за американската црна листа

од Nikola Popovski
253 прегледи

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска вели дека не гледа задна намера во изјавите на амбасадорката Анџела Агелер и од претставниците на САД во однос на корупцијата и санкционираните лица. Смета дека тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме.

Одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“ во организација на Центарот на истражување и креирање политики и конзорциумот „СМАРТ Балкан“, министерката рече дека САД се наш стратешки партнер од самото осамостојување на државата и тоа не само во одбраната, каде што, според Петровска, имаме исклучително добра соработка.

Тоа што САД објавуваат имиња на нивната црна листа според министерката е знак дека институциите треба да направат дополнителни проверки.

Како министерка за одбрана и пред се како граѓанин на оваа држава, таа нагласува, дека корупцијата претставува безбедносно прашање.

-Ако немате контрола на тој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого се ќе финансираат и на каков момент, сега не зборуваме за големи дестабилизации, меѓутоа во даден момент можат да ја дестабилизираат државата на каков било начин. И ова не зборувам само за Северна Македонија, туку каде било, вели Петровска.

Екс-премиерот Зоран Заев вчера изрази поддршка до поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев за, како што вели, докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од САД. Тој истакна дека ѝ стои на располагање за соработка на амбасадата на САД во Скопје, откако Анѓушев беше ставен на „црната листа“.

Анѓушев е ставен на црната листа не поради сомнеж, туку поради цврсти докази дека бил вмешан во коруптивни активности, истакна вчера американската амбасадорка Анџела Агелер. Таа вели дека САД точно знаат што направил Анѓушев и посочи дека најавената жалба од некогашниот вицепремиер нема да промени ништо. Ставањето нови и нови имиња на црната листа треба да им помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите, порача Агелер.

Стејт департментот, исто така, означувајќи ги како генерално неподобни, им забранува влез во САД и на сопругата на Анѓушев, Елизабета, и неговите деца, Ангел и Огнен.

Пред неполн месец, на американската „црна листа“ завршија и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Тие им се придружија на веќе споменатиот Јордан Орце Камчев, Рамиз Мерко, Никола Груевски и Сашо Мијалков.

Слични содржини