Нема застој во ниеден оддел во клиниката и се функционира како и претходно, уверува директорката на „Козле“

од Nikola Popovski
29 прегледи

Директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје, Каролина Симоновска, ги демантира информациите кои вчера портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска ги изнесе на партиска прес-конференција.

-Во однос на денешните обвинувања во јавноста, одговорно информираме дека клиниката има комплетен тим за изведување на бронхоскопија со соодветна стручност на највисоко ниво за проблематиката која ја работи. Во тимот е бронхоскопист-орл специјалист кој е со докажани успеси со децении наназад. Mатеријали за бронхоскопија има и се  набавуваат согласно потребите на клиниката. Нема застој во ниеден оддел или сектор во клиниката и се функционира како и претходно во нормални услови за работа.Универзитетската клиника уште еднаш укажува дека заради специфичната дејност која ја обавува и е во интерес на пациентите, не ни е потребен партиско-медиумски негативен публицитет. Исто така ја уверуваме јавноста дека секогаш и во секој поглед, стручниот тим на лекари е подготвен да реагира на највиско ниво и стандарди, потребни за една Универзитетска клиника, порача Симоновска.

Кузеска вчера обвини дека функционирањето на единствениот Оддел за бронхоскопија во државата, кој се наоѓа тука во Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“, е доведено во прашање после 40 години.

Според неа, дел од докторите си дале оставки, а директорката не дозволила набавка на апарати наречени „баскет“ кои се употребуваат за безбедно вадење на залетнат предмет во дишните патишта кај децата.

Таа нагласи дека „врвни специјализирани доктори за бронхоскопија, водејќи се од  морална и етичка свест, си дадоа оставки  поради одлуката на директорката Симоновска да не дозволи набавка на потребните материјали,  апаратчињата „баскет“, во потребниот број“.

-Директорката Симоновска треба да одговори, дали се точни информациите дека вработените на клиниката трпат мобинг? Дали е тоа е уште една од причините за распад на овој оддел кој работи над 40 години, се само дел од прашањата кои ги постави портпаролката на СДСМ.

Слични содржини