Мојот став од потребата од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е повеќе од јасна. Ниту јас ниту Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово делумно пуштање во употреба, рече Деканот на Градежниот факултет во Скопје Горан Марковски во однос на мостот „Беласица“ и безбедноста за неговото користење.
Имајќи го во предвид овој недостаток на информации, деканот истакна дека не би можел да даде подецидна и попрецизна изјава во овој момент дали мостот е безбеден за употреба или не.
Град Скопје на почетокот на месецов донесе одлука делумно да биде отворен, односно по него да транзитираат само лесни возила. Ноќта помеѓу 11-12ти мај беше запалена електричната инсталација и системот за парно греење на мостот. Од тогаш мостот беше целосно затворен за сообраќај. Дел од експертската јавност предупредуваше дека пред да се пушти мостот во употреба, неопходно е да се направат дополнителни и сериозни анализи, за да не се доведат во ризик граѓаните.