Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за убиствата на младата Вања и на велешанецот Панче. Сведоштво даваше таткото Александар Ѓорчевски, кој одговараше на прашања на обвинителството и одбраната на преостанатите обвинети. Рече дека за време на потрагите што ги имале дел од инспекторите на Водно и на други места сфатил дека воопшто не станува збор за потрага по девојчето, туку дека полицијата сакала да дознае и да извлече нешто од него.
Беше прашан како веднаш знаел дека Вања е киднапирана и зошто токму „ситроенот“ му бил сомнителен.
-Уште во 7.47 часот заедно со Зорица заклучивме дека Вања е киднапирана, бидејќи телефонот и беше исклучен, а таа нагло скршнала од рутата на движење. Таа самата не би го направила тоа, по своја волја, затоа и тогаш пријавивме во полиција, рече Ѓорчевски.
Кога на ред дојдоа прашања на првосомничениот Љупчо Палевски, Ѓорчевски одговори единствено на првото прашање, во врска со тоа дали слушнал дека има комуникација со кој било член од неговото семејство, при што замоли веќе да не одговара на прашањата од главниот обвинет.
– Јас како што веќе кажав, ниту ве знам ниту ве познавам, прв пат ми бевте посочен во полициската станица како монструм, прв пат ве видов тука во судницата, за прв пат во живот, никогаш не сум контактирал со вас, ниту пак познавам од втора рака човек што ве познава вас, вклучувајќи го и моето семејство и би сакал да искористам, ако постои такво право, да не одговарам повеќе на ваши прашања, секој мој нареден одговор ќе гласи исто, рече тој.
Судот одлучи испитувањето да продолжи, а Александар на секое наредно прашање од Палевски, одговори со „немам коментар“.
На изминатото рочиште, Ѓорчевски рече дека нема апсолутно никаква инволвираност и дека ниту ги познава, ниту може да ги гледа обвинетите во случајот за убиствата на неговата ќерка Вања и велешанецот Панче Жежовски.
Претходно, во процесот сведочеше обвинетиот Велибор Манев кој ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задачата да чува стража.
По Ѓорчевски, на кој денеска прашања треба да му поставува Обвинителството и одбраната на останатите обвинети, треба да биде сослушан и обвинетиот Љупчо Палевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.