Лидерот и пратеник на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов вели дека нема ништо против Бугарите како народ, но сака уставни измени врз основа на реципроцитет, односно и Македонците да бидат дел од бугарскиот Устав.
-Мојот став е јасен: досега повеќе пати Владата и претседателот на државата можеше да го постават прашањето со правата на Македонците во Бугарија. Да побараме имплементација на одлуките на судот во Стразбур околу можност Македонците да формираат свои клубови и партии таму. На последната конференција, предложив како партии да упатиме апел до Бугарија да се признаат правата на Македонците – и тоа беше спречено. Апсолутно не сум против Бугарите – тие ги уживаат сите права како и другите заедници, но тоа да се одвива врз основа на реципроцитет. Бугарија мора да подаде рака и да го признае постоењето на македонското малцинство и македонскиот јазик и да дозволи формирање на македонски културни друштва. Судот во Бугарија има шанса да дозволи клубот „Никола Вапцаров“ да го регистрира и едноставно бугарскиот претседател Румен Радев да даде изјава дека ги признава Македонците како посебен и автентичен народ. Тоа би направило историски пресврт во односите, рече Трајанов како одговор на новинарско прашање.