Неколку дена преку медиумите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски, упатува покана до премиерот и министрите за средба.
Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи не ја прифатија поканата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за средба во партискиот штаб, на која тој најави дека ќе им го претстави неговиот концепт „за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места“.
Жалам што премиерот и министрите во владата, посочи денеска Мицкоски, во вакви исклучително сложени и важни моменти за Македонија, граѓаните и стопанството никако не можат да ја надминат својата суета, еднаш да го остават политиканството и да се стават на страната на државата и граѓаните.
„Побарав средба со Димитар Ковачевски за да го образложам концептот за оваа но и за следната година, како да се оптимира искористувањето на домашните ресурси и да се обезбеди евтин енергенс, дезертираше, одби. Го повикав на ТВ дебата пред македонската јавност, повторно дезертираше, одби со изговор дека не било сега време. Го повикав и Фатмир Битиќи како одговорен за економски прашања во владата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, одби да дојде и ме повика на економски совет да сум го презентирал концептот, бидејќи така успешно работеле за корона пандемијата итн…“, стои во писмено обраќање на Мицкоски.
Тој истакна дека ако економскиот совет работел успешно, ќе успеел досега да обезбеди доволно струја.
„Ако економскиот совет успешно го водевте немаше во „4 очи” да коленичите по соседството и да молите милост да ви дадат. Ако економскиот совет беше успешен сега ќе обезбедевте струја за ФЕНИ и Бучим и наместо клуч на врата ќе гореа печките како што горат за слични такви компании во соседството. Сте помислиле ли како им е сега на работниците кои останаа без работа и со болка во гради се мачат крај со крај да врзат за своите семејства, како да ја поминат зимата или тоа од црвените персијанци и кожните фотелји не се гледа јасно“, посочи Мицкоски упатувајќи нова поканата до претставниците на власта за средба.
Премиерот Ковачевски вчера, по барањата на лидерот Мицкоски за телевизиски дуел или средба, му порача дека оваа тешка зима и економско-енергетска криза ќе се пребродат само доколку „сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните и дека не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби, туку е време за работа, за заедништво и за креирање на политики за добробит на сите граѓани“.
– Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи, изјави Ковачевски.
Премиерот потенцира дека економските политики се креираат институционално во Владата, на Економскиот совет и со учество на сите засегнати страни и одлуките, пак, се носат на владини комисии и седница, а не на партиски штабови и со помош на партиски структури. Тој додаде дека на последниот Економски совет, во проширен состав, покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник од оваа партија не се појавил на седницата.
– Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет, кој ќе се одржи оваа среда, во 12 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат, истакна премиерот Ковачевски.
И вицепремиерот Битиќи, преку социјалните мрежи, исто така посочи дека нема потреба од разговор во четири очи, зад затворени врати.
– Комплексноста на оваа криза од нас бара да се кренеме над себе, бидејќи солидарност, одговорност и колективна мудрост е она што ќе не изнесе низ неа. Граѓаните знаат дека јавно веќе речиси три години ги повикувам на соработка и одговорност, со цел справување со кризата. Еве, повторно, вратите се отворени, решенијата секогаш се наоѓаат на маса на која сите седиме заедно, напиша Битиќи.
Министерот за економија Крешник Бектеши, во петокот од собраниска говорница го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јавно да ги соопшти контактите за набавка на поевтини енергенси и да каже за кои компании се работи, за какви понуди и по кои цени или ако не сака тоа да го стори, да ги достави до Министерството за економија в понеделник, а тој потоа лично, како што рече, ќе ги објави и ќе ги однесе во АД ЕСМ.