Американското министерство за одбрана сè уште се обидува да го „разбере обемот и размерите“ на протечените документи, во кои беа објавени низа доверливи информации на интернет, рече портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
Синг истакна дека Пентагон нема „прецизен број“ на идентификувани протечени документи и дека „обемот и размерите“ на протекувањето е нешто што тие сè уште го проценуваат.
Документите се појавија на платформата Discord минатиот месец, пред да се рашират ширум Интернетот и да го привлечат вниманието на главните медиуми. Федералното биро за истраги го уапси 21-годишниот припадник на Националната гарда на Масачусетс, Џек Тешеира, во четвртокот, 13 април, откако „Њујорк Тајмс“ го објави неговиот идентитет.
Досиејата, кои наводно осомничениот ги објавил, откриваат дека специјалните сили на САД и НАТО се активни во Украина, дека украинските жртви се поголеми отколку што американските власти јавно признаваат, дека на силите на Киев им недостига муниција и дека САД ги шпионирале своите сојузници за време на конфликтот.
Многу од тие досиеја беа оценети како лажни или делумно вистинити од американските официјални лица.
„Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, кои го отпечатија идентитетот на осомничениот, продолжија да објавуваат информации од документите по неговото апсење. Во тие документи, кои во неделата ги објави „Њузвик“, е откриен наводниот датум на почеток на претстојната пролетна офанзива на Украина против руските сили.
Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, изјави за новинарите дека Москва ги прегледала објавените документи. Претходно, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков посочи дека некои од досиејата би можеле да бидат обелоденети како дел од западната кампања за „измама“ чија цел е поткопување на воените капацитети на Украина пред офанзивата на Киев.