Немири во Солун: Солзавец и водени топови на протестот против задолжителната вакцинација (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Грчката полиција денеска употреби солзавец и водени топови за да го спречи протестот на илјадници луѓе поради владината политика и задолжителната вакцинација против коронавирусот.

Властите соопштија дека демонстрантите во Солун ги гаѓале полицајците со сигнални ракети, кои им го попречиле патот во обид да стигнат до зградата во која требаше да се обрати премиерот Киријакос Мицотакис.

Полицијата процени дека повеќе од 15.000 луѓе, вклучително и синдикатите, учествуваа на денешниот собир, на кој беше изразено незадоволство за голем број прашања, почнувајќи од економската политика на владата до одлуката за задолжителни вакцини против Ковид-19, пренесува Ројтерс.

Протестите за вакцинација против Ковид-19 започнаа во јули, откако владата објави задолжителна вакцинација на здравствените работници и персоналот на старечки дом.

Властите сугерираа дека вакцините можат да станат задолжителни за други сфери од општеството, како што се просветните работници.

Грција суспендираше скоро 6.000 здравствени работници бидејќи го пропуштија рокот од 1 септември за да ја примат барем првата вакцина, а претходно овој месец, на невакцинираните здравствени работници им беше понудена втора шанса за имунизација, со дозвола за оние што беа суспендирани да се вратат на работа.

Околу 5,7 милиони Грци, или 55 проценти од населението, се целосно вакцинирани против Ковид-19, а 59 проценти добиле една доза, покажуваат најновите официјални податоци, додека земјата регистрираше 2.197 потврдени нови заразени и 39 смртни случаи во текот на последниот ковид-пресек.

Слични содржини