Поранешната премиерка на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, ќе преземе водечка улога во борбата на земјата против екстремизмот на Интернет, соопшти денеска владата. На почетокот на годината Ардерн ненадејно се повлече од премиерската позиција и му препушти на Крис Хипкинс да го преземе раководството на владата како лидер на Лабуристичката партија.
Работата нема да биде платена
Таа сега, како специјален претставник на глобалната иницијатива Christchurch Call основана во 2019 година, ќе се вклучи во неплатена работа во борбата против екстремизмот.
Иницијативата обединува над 120 земји, технолошки компании и даватели на интернет услуги и здруженија на граѓанското општество во колективните напори за борба против сите форми на екстремизам.
Во март 2019 година, во напад на две џамии во Крајстчерч, вториот по големина град во Нов Зеланд, загинаа 51 лице, а 40 други беа повредени. Нападот го извршил 28-годишниот белец Брентон Тарант, а во пресрет на нападот објавил манифест на 87 страници полн со антиимигрантска и антимуслиманска содржина, како и објаснувања зошто го извршил нападот.
„Приоритет на надворешната политика“
Делови од нападот пренесуваше во живо на својата Фејсбук страница.
„The Christchurch Call е приоритет на надворешната политика и Џасинда Ардерн продолжува да работи на елиминирање на насилниот екстремизам на интернет“, рече Хипкинс.
„Терористичката и друга содржина на екстремно насилство на Интернет е глобален проблем, но за многумина во Нов Зеланд тоа е многу личен“, додаде тој.
Ардерн стана најмладата премиерка во светот кога победи на изборите на 37-годишна возраст.