Ненапишаното писмо на Мицкоски

од Nikola Popovski
450 прегледи

Предоцна е за такви писма напишани од Македонија, каде што испраќачот е Македонија под власт на мицковистичко дпмне, токму заради испраќачот! Нечии писма, како ова сеуште ненапишаното на Мицкоски, нема кој да ги прими, немаат актуелна, важечка адреса – адресата е всушност таа каде што е напишано, на оној кои што го напишал. Тоа писмо може да биде само Деридијански автореферентно – нема субјект, адресант што ќе го прими и прочита, нема адреса каде што може да стаса. Писмото нема да стаса до ЕУ, ако воопшто и биде напишано, тоа ќе биде ставено во „мртвиот полог“ за кои пишува Хрватскиот писател Владо Готовац, откако ќе видат кој го напишал и од каде е испратено.

Ова негово, нивно писмо ќе заврши токму на „мртвиот полог“ опишан од писателот во автобиографскиот есеј, за времето додека бил во затворот лепоглава. Таму, се што на  затвореникот ќе му се одземело пред да го испратат во ќелија, се што тој не смеел да прими, и се што тој не смеел да испрати – како некои писма – се оставало во магацин, наречен „мртов полог“. Таму завршувало се што ќе испрати некој во и од лепоглава, а денес, како цела Македонија да станува Лепоглава! Еден голем затвор за сите нас кои не сме функционери или членови на мицковистичко дпмне, метафорично кажано. Тие ја заробија цела држава, нас што живееме во неа, во маѓепсан круг на лажен патриотизам во кои само тие, платените нивни функционери имаат слобода – да владеат! И затоа нивните писма нема да стигнат никаде, бидејќи е предоцна за тие писма, после нивното политичко предавство со протестите наместо заеднички издејствуван подобар предлог односно преговарачка рамка за ЕУ. Така помина мигот кога можеше да има подобра државна позиција, затоа што тие за власт протестираа со лажен патриотизам – за сега да шират патриотизам, каков парадокс. После политичкиот нокаут што Германската министерка за надворешни работи им го приреди среде Берлин, ние, народот, повеќе нема што да чекаме. Какви писма, какви гаранции ќе барале, ништо нема од тоа, освен губење време додека се повеќе со секој ден тонеме во сиромаштија, во  партиска држава, со заробени медими, тоталитарен свет на животот и стравовладение пред налетот на бруталната партизација на сите институции на системот.

Просто треба да да уживаме во политичката агонија на мицковистичко дпмне – тоа е цената која мора да си ја платат за изборната победа со големата лага дека ќе ја сменат преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, а сеирот претставува и наша каква-таква морална сатисфакција. Како минуваат деновите станува се подраматично нивното, така да се каже, поплукување врз претходните наводно цврсти и непоколебливи „патриотски“ ставови. Замислете го тој циркус, па сега се повлекуваат дури и од оној мошне несериозен и во суштина комичен предлог за одложено дејство на уставните измени, откако, нормално, се соочија со одбивањето на оваа „креативна идеја а ла „како малиот Ѓокица го замислува светот и ЕУ“. И така, сега смислија нова детска приказна за нивните припрости гласачи – според некојси Игор Здравковски, пратеник на вмро –дпмне во Собранието, сега за дпмне имало, цитирам „две опции кои се прифатливи за нас и тоа или оние уставни измени да се применат со влезот на Македонија во ЕУ или пак да има гаранции во тековните преговори“ (порталот Денешен, 15.10. 2024, рубрика Македонија, наслов „Здравковски: имаме две прифатливи опции – уставните измени да се применат со влезот во ЕУ или да имаме гаранции во преговорите“). И така, значи, ој вие членови и симпатизери на мицковистичко дпмне, вашите комити ем војводи од горското началство сместено во луксузната бела палата прифаќаат уставни измени – Бугари во Устав – за некакви си гаранции во преговорите! Па, за ова ли со недели врескавте по жешкиот скопски асфалт со маички на кои гордо пишуваше НЕ??! Па нели национално предавство беше внесувањето на Бугарите во Уставот, како тоа сега наеднаш вашите ќе ги внесуваат Бугарите во Устав за некакви неопределени гаранции во текот на преговорите со ЕУ?!

Човек веќе не може ниту да постаса да ги види сите тие бројни политички лупинзи на мицковистичко дпмне кои произлегуваат од мноштвото контрадикорни изборни ветувања – таква дијаболичност и опскурна траекторија, такви лупинзи не прават ниту гулабите превртувачи кои ги гледавме во детството. Еве, ова со фамозното и сеуште ненапишано писмо кое воопшто можеби и нема да биде напишано според последните изјави по враќањето од Берлин, веќе и не наликува само на некаква епска сага или турска серија со стотици епизоди, туку е огледало на власта на мицковистичко дпмне, ретровизор на долгите седум години деформација на ВМРО од таа партија. А, сите и овде и во ЕУ, освен дебело платените државни функционери на дпмне мицковистичко, знаат дека е предоцна за такви писма (додуше, некои може и знаат). Помина мигот кога можеше и мораше да се бранат националните и државни интереси и позиции на таков начин и од таа перспектива, но тие тогаш тоа не го сторија заради можноста за освојување на власта преку обвинувања на СДСМ за предавства – за името, за договорот со Бугарија (ЕУ-Францускиот предлог), за двојазичноста, за пописот. А, на Балканот политичките процеси се иреверзибилни, или што би рекле прагматичните Американци – што е направено, направено е. Барем тоа го научивме од темната страна на историјата на Македонскиот народ.

Но, доследно и кoхерентно на нивниот итромански стил на политичко однесување, зашеметени од јасното и гласно НЕ од ЕУ за нивниот трик наречен одложено дејство на уставните измени, пак смислија нов, овојпат веќе испробан трик. Демек, Баербок споменала иницијативи на прес-конференцијата со Тимчо, на истата онаа на која по илјадити пат беше повторено дека не може да има одложено дејство на уставните измени – а единствено што таа споменала е дека иако лично на неа не и се допаѓа принципот на консензус, едногласност во процесот на донесување на одлуки на ЕУ, тој принцип мора да се почитува додека важи. Значи, сега изгледа дека мицковистичко дпмне ќе чека да се смени тој принцип на консензус при носење на одлуки, а тоа значи, ќе чека и чека, сосе нас заглавени во тињата на тоталитарна држава, на папокот на опашката на Европа и Балканот. И лично тврдам дека нема да дочека, затоа што тој принцип на консензус е фундаментален принцип на самата ЕУ. И НАТО, и Советот за безбедност на ООН, делуваат врз основа на тој принцип. Правото на вето, поврзан со принципот на консензус, е нешто кое нема никогаш да се смени, бидејќи организациски е единствен функционален модел во комплицираниот свет, планетата Земја. И така, значи, сега наеднаш, откако се власт, од дпмне мицковистичко сакаат да чекаме, со години и децении, додека не се смени тој принцип. Ама, тие ќе чекаат на власт, со државни функции и огромни буџетски плати, а ние, народот?!

Што точно кажа Баербок? Еве што – „Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“. Што значи, дури ниту семантички министерката не го кажала тоа што на мицињата им се сакало да им се слушне. Баербок дури тоа не го ни квалификувала како сериозна иницијатива – промена на правилото за едногласно одучување во ЕУ – туку го кажала бегло, како нејзино лично мислење и став, дека лично се залагала за промена на тоа правило, и ништо повеќе, односно не е официјален став на Германија. Како врз основа на личен став сега мицковистичко дпмне креира нова државна стратегија (претенциозно кажано), тоа ниту монти пајтон дружината не би можела да го замисли во сета своја креативност на потсмев. Радикално да менуваш државна политика и стратешка определба, судирајќи се отворено со фактите и објективната реалност, во име на некаков тотално временски неизвесен миг и само можна промена на принципот на консензус кој којзнае кога ќе се случи, ако воопшто некогаш и се случи, е нешто незамисливо за секој рационален човек, а камоли државна политика.

Лично, одамна сум сигурен во тоа дека мицковистичко дпмне на секој можен начин ќе го одолговлекува влезот на Македонија во ЕУ поради бројни причини, од кои најбитни се оние поврзани со можностите за бизнис коруптивно делување и тоталитарно владеење. Иако со нив никогаш не се знае што е следно бидејќи преку ноќ ги менуваат ставовите и плановите, се чини дека единствен начин да се предомислат е отворен политички и економски притисок од некоја силна држава, како САД, на пример. Очиледно, тоа нема да се случи, барем не во блиска иднина – всушност, амбасадата на САД овде, од за мене целосно неразбирливи причини, беше и е долгогодишен поддржувач на мицковистичко дпмне, наједноставно кажано. Сликата како Агелер стои позади Мицкоски додека тој дава некои партиски изјави е симптоматична во таа смисла. Оттаму, ние се наоѓаме денес, во 2024 година, во ситуација како и нашите прадедовци пред стотина години – во контекст на славната комитска идеја и мото дека не можеме и не смееме да чекаме друг да не ослободи (од ропството, режимот, тоталитаризмот -заб. Тони Н.). Ние мораме самите да се ослободиме, на демократски начин, се разбира, од ова антинародно владеење и режим на мицковистичко дпмне, влен и знам.

И, тука доаѓаме до свирепи факти и голем проблем. Без оглед на непобитниот факт дека оваа влада е апсолутно најлошата влада во историјата на независна Македонија – поточно, во севкупната историја на Македонија и Македонскиот народ – оваа влада на чело со мицковистичко дпмне ќе биде многу тешко, речиси невозможно да се победи на избори. Дпмне се машинерија, разработена и извежбана, со огромни ресурси, и државни и партиски, со целосна контрола на речиси сите медиуми. Гласачкиот корпус им е на нивото пежоративно опишан преку познатата поговорка – и магаре да е ако е од (мицковистичко) дпмне ќе го гласам. И ако некои од СДСМ, кој сепак мора да биде предводник на тој процес на народно ослободување од режимот посебно кога дпмне има монопол во политичката десница, мислат дека кај и да е, некако, ќе се случи чудо и ќе ги победат на избори, многу се лаже. За такво нешто е неопходен прецизно разработен план за делување втемелен на длабински анализи и научно фундирани антиципации, а не гледам дека такво нешто се случува во СДСМ. Со некакви си комични поткасти на јутјуб и партиски соопштенија нема да може да се победи мицковистичко дпмне. За жал, ми се чини дека ќе го гледаме и доживееме тоа во наредните 12 години.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини