Ние сме исклучени од системот на парно греење, а тие нè третираат како „исклучени потрошувачи“. Значи, ако сум исклучен, не може да бидам потрошувач. Тоа е некоја категорија којашто е измислена, вели Марјан Ненов од движењето Уа лопови!, кое бара луѓето што се исклучени од парно да не плаќаат во интервју за Радио Слободна Европа.
Господине Ненов, веќе неколку месеци, секоја сабота напладне пред Триумфалната порта во Скопје протестирате против високите сметки за парно греење. Што точно барате? Од што сте незадоволни?
Не сме незадоволни сега од цените на парното греење, меѓутоа сме незадоволни од третманот на државата кон нас. Ние всушност сме исклучените граѓани кои веќе не сакаат да бидат дел од системот за колективно загревање. Ние сме се исклучиле на време, за тоа сме си платиле, меѓутоа сега некој со сила нè тера повторно да се вратиме во тој систем, а тој систем сега веќе не е на Топлификација, туку е на приватна компанија – БЕГ ДООЕЛ. Затоа ние протестираме, затоа што ние сме исклучени граѓани, а тие нè третираат како „исклучени потрошувачи“. Значи, ако сум исклучен, не може да бидам потрошувач. Тоа е некоја категорија којашто е измислена и според која нам ни пуштаат фактури, односно секој месец ни прават мобинг и според тие фактури нè тужат на суд.
Имавте иницијатива пред Уставниот суд и тој одлучи дека и исклучените граѓани треба да плаќаат. Кој е сега правниот лек против тоа?
Уставниот суд има одлука, има решение. Уставниот суд донесе одлука според која исклучените граѓани не треба да плаќаат парно греење. Тоа падна на Уставен суд, меѓутоа откога се смени Уставниот суд пред некоја година, ние повторно дадовме иницијатива, зашто во меѓувреме се донесе нов Правилник од Регулаторната комисија за енергетика, којшто е противуставен и ние баравме нивниот Правилник да се смени. Уставниот суд сега не донесе одлука, туку донесе само решение според кое се прогласува за ненадлежен. Значи, според Уставниот суд, сè уште е на важност одлуката дека не треба да плаќаме, меѓутоа и покрај тоа нас нè тужат на суд, БЕГ нè дава на суд.
Интервјуто во целост прочитајте го тука
