Неодамна завршена најголемата 3Д-печатена зграда во Европа: Помал јаглероден отпечаток, а изградбата трае само 140 часа

од Vladimir Zorba
241 прегледи

На крајот на јануари во германскиот град Хајделберг беше завршена изградбата на најголемата 3Д печатена зграда во Европа во која ќе биде сместен локалниот центар за податоци Heidelberg iT Management.

Оваа еднокатна зграда, која се протега на околу 600 метри квадратни, е исто така двоен пионер на глобално ниво: таа е првата индустриска зграда и првиот центар за податоци во светот изграден со напреден метод на градба, 3D печатење.

Процесот на изградба, со помош на печатач наречен BOD2 3D, траеше само 140 часа, или нешто помалку од шест дена. Тоа значи дека за еден час е испечатена површина од околу четири квадратни метри.

Но, во овој случај не се импресивни само технологијата и краткото време на изградба.

Во изградбата на конструкцијата се употребени околу 450 тони бетон за печатење произведен од компанијата „Хајделберг Материјалс“, кој може 100% да се рециклира. Содржи врзивно средство за кое се вели дека може да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 55% во споредба со најчесто користениот вид цемент, „Портланд“.

Поради специфичната брановидна структура, проектот симболично се нарекува Wavehouse. Иако надворешноста е завршена (т.е. испечатена), завршувањето на работите се очекува на лето.

Првиот 3Д печатач е создаден во осумдесеттите, а во меѓувреме неговата употреба доживеа вртоглав пораст. Оваа некогаш футуристичка технологија сега се појавува се почесто во секојдневниот живот, а 3Д печатачите се појавуваат во различни индустрии: од медицина до авијација до производство на турбини на ветер.

Во последниве години, развојот на 3D печатењето е забележан и во градежништвото, една од гранките на индустријата која има потреба од решенија за неутрализирање на притисокот врз животната средина и климата.

Токму 3Д печатачите нудат еден од начините за намалување на загадувањето и декарбонизација на градежништвото бидејќи таквите згради се градат со помала потрошувачка на материјали и енергија, како и со помала емисија на јаглерод диоксид.

Сепак, иако ја покажува својата корисност, оваа технологија сè уште е недоволно истражена.

Слични содржини