Неодобрена и несоодветна храна се продава онлајн, од АХВ апелираат операторите да го наведат составот

од Маја Анчевска
250 прегледи

Пуштање во промет на неодобрена и несоодветна храна и додаци за исхрана, се поголем проблем на интернет продажбата, велат во разговор за „Локално“ од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Тие посочуваат дека несоодветното рекламирање и презентирање на додатоците на исхраната на социјалните мрежи, без користење на неодобрени здравствени тврдења како и пуштање во промет на додатоци без издадено мислење од АХВ, се под надзор на  Одделението за следење на измами со храна и од Секторот за инспекциски кои се во состав на Агенцијата.

– Освен додатоците на исхраната, дел од постапувањата се однесуваат и на храна за широка потрошувачка, како што се млеко и млечни производи, леб, сол, шеќер и слично, а се однесуваат на неточна тежина на производот, сомнеж во квалитетот на производите, неточна енергетска вредност, користење на доброволни информации поврзани со храната, како што се означување на органско потекло, производ без глутен, за посебна категорија на граѓани и друго, потенцираат од АХВ.

Oттаму информираат дека трендот за појава на храна со изминат рок, е во опаѓање и помалку се забележува во поголемите ланци на  маркети.

– Операторите со храна кои вршат производство и увоз на храна и ја пуштаат во промет, имаат обврска да извршат означување согласно законските барања и Правилникот за информации поврзани со храната, чл. 5, со задолжителни информации во кои спаѓа и составот на производот, посочуваат од Агенцијата.

Од АХВ потенцираат дека, несоодветни состојки во однос на недекларирана состојка или забранета состојка или состојка која вообичаено не се користи кај одреден тип или група на производи, операторите имаат обврска да го наведат составот на производот во целост.

–  Законот за безбедност на храна  предвидува постапка за едукација, или санкција во вид на глоба за правното и одговорното лице во правното лице, но, уште поважно е дека во инспекциската постапка со мерки и активности треба да се извршат постапки со кои операторот со храна ќе се усогласи со законските барања од областа на безбедноста на храната, додаваат од АХВ.

Секое намерно прекршување на Законот за безбедност на храна од страна на операторите кои имаат за цел лажно наведување на потрошувачот,  со пласирање на информации кои може да се двосмислени и да го збунат, а тие да се стекнат со одредена корист АХВ,  се смета за измама со храна.

–  Овие намерни прекршувања на Законот, може да го попречат правилното функционирање на внатрешниот пазар и да претставуваат ризик за здравјето на луѓето и животните. Поголем број од утврдените отстапувања се резултат на недоволна информираност на операторите за нивните законски обврски, но, постојат и примери за констатирани измами со храна, кои почесто се однесуваат на додатоци на исхраната кои се презентираат на социјалните мрежи и тоа на профили без достапни податоци дали операторот со храна е регистриран во АХВ, без податоци за локацијата и правниот субјект, децидни се од АХВ.

Изрекувањето на глоба е мерка која се применува во случај кога операторот не е усогласен со законските барања, без разлика дали се работи за прекршок дефиниран како измама или друга неусогласеност.

– Иако е непопуларна мерка, секако дека дава резултат, особено доколку кај операторот со храна и претходно биле констатирани неусогласености кои завршиле со изрекување на глоба, констатираат од Агенција за храна и ветеринарство.

Децидни во однос на онлај пласирање на производи се и од ОПМ.  Тие потенцираат дека од вкупно 1655 поплаки пристигнати во нивното советувалиште во Скопје најмногубројни се они поврзани со проблемот на нелегални и неточни информации на социјални медиуми.

–  Голем дел од граѓаните се пожалија на проблеми при онлајн купувањето, односно нелегалната продажба на социјалните мрежи, каде поторшувачите најчесто се измамени со доставување на неквалитетен производ, различен од нарачаниот, без фискална сметка, гаранција, упатство и сл, сооштуваат од ОПМ за „Локално“.

Основна цел на Законот за безбедност на храна е и да обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на луѓето и интересите на потрошувачите во однос на храната, обезбедувајќи ефикасно функционирање на внатрешниот пазар. Секое утврдено прекршување на Законот се санкционира, а физичките и правните лица кои ќе изберат да вршат активности во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна, без примена на Законот, подлежат на прекршочна или кривична одговорност.

М.А.

Слични содржини