Непотизам или чиста случајност? Фирмите на блиски луѓе добивале тендери кај Андоновски! – министерот се правда ја спасувал институцијата

од Марта Пешевска
61 прегледи

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се најде во центарот на внимание по серија медиумски обвинувања за сомнителни тендерски постапки и непотизам во неговото министерство. Во интервју за „360 степени“, тој категорично тврди дека сите активности се во рамките на законот и дека постапувал во најдобар интерес на државата.

Според обвинувањата, фирма која добила тендери во министерството е поврзана со сопругот на државната секретарка, а исто така се споменуваат и родители на еден вработен како добитници на државни договори. На ова, Андоновски одговара дека во моментот кога дошол на функцијата наследил министерство во „тешка состојба“, без основна опрема како телевизор, проектор и табла. Тој објаснува дека целта му била да обезбеди основни услови за работа и да ги спроведе законите од Реформската агенда кои ќе донесат финансиски придонес од 20 милиони евра.

Министерот нагласува дека компанијата што добила тендер понудила цена која е 40% пониска од останатите, а дека неговата одлука била заснована на легални критериуми. Тој додава дека за првпат дознал за роднинската врска при одобрувањето на договорот и дека имал избор или да го поништи тендерот, што ќе значело дека министерството ќе остане без потребната опрема, или да ја прифати понудата и да го избегне ризикот од судска тужба.

Во однос на обвинувањата за непотизам поврзани со неговото семејство, Андоновски вели дека неговиот татко и брат се поставени на позициите врз основа на нивните професионални заслуги, а не по партиска линија. Тој посочува дека брат му има долгогодишно искуство во безбедносната служба и оти не е вистина дека бил повеќекратно унапредуван во последната година, како што се тврди.

Министерот повикува на објективност и нагласува дека за сите отворени случаи поврзани со него – вклучувајќи ги и претставките до Државната комисија за спречување корупција – досега нема никаков официјален исход, иако поминале осум месеци од нивното поднесување.

Иако министерот инсистира дека постапките се законски и дека не е прекршен етичкиот кодекс, во јавноста сепак остануваат дилеми околу транспарентноста и односот кон јавните набавки и именувањата во неговото министерство. СДСМ бара истрага од обвинителството и проширување на предметите од страна на антикорупциската комисија за да се расветлат сите сомнежи.