Данската агенција за енергетика го повика Nord Stream 2 AG, со седиште во Швајцарија, да учествува во операцијата за извлекување на непознат објект пронајден покрај оштетениот гасовод Северен тек 2 во Балтичкото Море.
Данските власти соопштија дека објектот не претставувал непосредна безбедносна закана, но одлучиле да го извлечат со помош на националната војска. Агенцијата чека одговор од Северен тек 2, кој го води едниот од двата руски гасовода оштетени во експлозиите во септември минатата година, на барањето да помогне во идентификацијата на објектот.
„Блумберг“ објави дека тоа би можело да биде димна пловка, уред за испраќање сигнали во случај на опасност.
Кремљ: Веднаш идентификувајте го објектот
Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, рече дека е „од клучно значење“ да се идентификува објектот кој бил откриен во близина на местото на експлозијата.
„Критично е важно да се утврди за каков објект се работи, дали е поврзан со овој терористички акт – очигледно е дека да – и да се продолжи со оваа истрага“, рече Песков за време на денешниот разговор со новинарите.
„Истрагата мора да биде транспарентна“, додаде тој.
Песков рече дека Кремљ на откритието гледа како на позитивна вест.