Непријатели на Путин ја презедоа одговорноста за убиството на Татарски: Тврдат дека немале странска помош

од Stefanija Kuzmanovska
194 прегледи

Националната републиканска армија ја презеде одговорноста за организирање на убиството на рускиот пропагандист Владлен Татарски, кој беше убиен во кафуле во Санкт Петербург. Групата е формирана во Русија, а прокламирана цел е рушење на режимот на Путин, има малку детали за нејзините активности.

Информацијата за тоа дека НРА ја презела одговорноста беше објавена од независниот руски медиум со седиште во Литванија „Медуза“ и Илја Пономарјев, поранешен пратеник на Државната дума кој живее во Украина.

„На 2 април 2023 година организиравме и спроведовме акција против група Z-активисти и лично против познатиот воен пропагандист, воен злосторник Максим Фомин, познат како Владлен Татарски. Оваа акција беше подготвена и спроведена самостојно, а ние немаме никаква врска, ниту добивме помош од какви било странски структури, а камоли безбедносни служби“, се вели во соопштението на НРА.

Тие нагласија дека акцијата не била насочена против цивили, а „сите настрадани се меѓу активните учесници во војната“.

Претставниците на организацијата ги повикаа и руските активисти за човекови права да ѝ помогнат на Дарја Трепова, која беше уапсена во овој случај, и на „другите невини луѓе“.

Во август 2022 година, Илја Пономарјев објави дека Националната републиканска армија стои и зад убиството на Дарја Дугина, ќерката на рускиот пропагандист Александар Дугин, автор на концептот „Руски свет“.

Пред неговата изјава, на интернет немаше никакво спомнување за оваа организација.

На 2 април 2023 година, на денот на смртта на Владлен Татарски, поранешен пратеник во Думата во медиумите навести дека ги познава убијците на „воениот новинар“, но се уште го чека официјалниот став на групата која ја извршила оваа акција.

Да потсетиме, Татарски беше убиен во експлозија на бомба која беше скриена во фигура со неговиот лик, која беше однесена во кафуле каде што тој зборуваше за своите искуства како воен известувач во борбената зона во источна Украина.

Трепова тврди дека целиот случај ѝ бил наместен.

Слични содржини