Украина соопшти дека украинските сили фатиле „во замка“ руски војници во околината на Бахмут, каде што украинските војници заземаат позиции како дел од контраофанзивата.
Според руските извештаи, московските сили го одбиле и го запреле украинскиот напредок на истокот и југот на земјата.
„Бахмут. Непријателот е фатен во замка“, напиша на Телеграм командантот на копнената армија на Украина, генерал Александар Сирски.
Сирски наведе дека Бахмут е целосно под украински оган и дека руските сили се потиснуваат од нивните позиции, пренесе „Ројтерс“.
Украинскиот бригаден генерал Александар Тарнавски напиша дека руските сили на јужниот фронт изгубиле околу сто војници во текот на 24 часа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека контраофанзивата напредува побавно од очекуваното.
Руското министерство за одбрана соопшти дека руските сили ги одбиле украинските напади во три дела на регионот Доњецк, вклучително и Клишчивка, точката на судирите во последните денови во близина на Бахмут.
Министерството, исто така, соопшти дека руските сили спречиле украински напади на југ, вклучително и кај селото Ривнопил, за кое украинските сили соопштија дека го заземале пред две недели.