Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагираше на изјавата на лидерот на Беса од ВЛЕН, Билал Касами, кој најави дека во вториот круг од локалните избори во Кичево ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски. Мицкоски во својата изјава порача дека политиката не смее да се гради врз етнички теми и шовинизам, туку врз вредности и заедништво.
Премиерот во изборната кампања ги оцрнуваше Левица, СДСМ и ДУИ за задкулисни игри, но од друга страна неговиот владин партнер Касами навести поддршка за противкандидатот на опозициската партија. Се поставува дилемата дали паѓаат во вода ваквите обвинувања на Мицкоски? За дел од јавноста, ова е политиканство и веќе видена мимикрија. Според политичкиот аналитичар и новинар, Зоран Иванов, „кога на одредена власт им треба доза изборен национализам, тогаш се повикуваат на наводна етно-загрозеност на едната од другата гласачка племенска група“.
-Кога им се потребни коалициски гласачи, тогаш се во изборна симбиоза. Лага, до лага, интерес до интерс. Со тие и таквит6е јавни комбинаторики само ги деградираат граѓаните, но и граѓаните гласачи па и најверните партиски послушници доколку сакаат и натаму да се алатки за нечии лични интереси, тоа е нивниот избор. Не знам дали е морално долно или едноставно е жалното е во тоа што стана со и што остана од човечкото достоинство, вели Иванов во разговор за „Локално“.

Зоран Иванов/Фото: Принтскрин/Јутјуб
Македонци гласаат за кандидати Албанци по партиска наредба во места каде мнозинството од граѓаните се Македонци. Тоа најјасно се виде во Струга, Тетово… Од друга страна, премиерот во говорот по повод празникот за Денот на македонската револуционерна борба вели „луѓето не треба да се третираат како контингенти гласови кои може човек да ги насочи“. Според Иванов, Мицкоски како „Максим по дивизија“ се расфрла со теории, квалификации, со нерелни и неостварливи ветувања, со лажни патриотизми, со популизми, но, како што истакнува, гласачите го сакаат тоа.
-Им годи. Им годи и ова што ги мести за Скопје со сметот. И таа местенка им годи зашто епилогот од авион се гледа дека наскоро ќе биде во стилот „ете дојдовме ние и средивме“, демек без нив ништо. Тоа е таа доктрина на политика на оваа власт, штабски креирај проблем, реши го со ресурсите што граѓаните ти ги довериле и си обезбедуваш изборни гласови. Но кога има материјал за шишање …
Македонското општество е во целосна морална атрофија. Во ек е изборно самоуништување во кое доминира лагата. Доминира колективна ментална состојба на која, заедно со политиката, им кумуваат влијателните медиуми, пред се националните телевизии и одредени интернет портали, алатки кои, без ронка совест, за грст дневни привилегии за уредниците и за нивните газди, се претворија во продуктивни фабрики за рециклирање на објективните состојби, за преобразување на лагите во вистини. За стигматизирање на се и на секој кој ќе промрчи нешто негативно за владејачките структури.
Се е купено и се е под контрола. Целиот јавен простор е контаминиран од медиумските некритички и не аналитички политички програмски содржини. Новинарите ги ескивираат вистинските прашања и премолчување за неодговорените, а граѓаните загубени во оваа медиумска фатаморгана, како веќе да не прават разлика за тоа што е вистина, а што е лага, истакнува соговорникот.
Уште еден феномен е што другиот коалициски партнер во ЗНАМ – Максим Димитриевски, кој се закануваше дека ќе излезе од коалицијата поради однесувањето на ВРЕДИ, вчера и официјално седна на маса со лидерот на ВЛЕН, Изет Меџити и договорија соработка за поддршка на кандидатот на ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ во Центар. На прашањето дали станува збор за уште една непринципиелна коалиција, Иванов потенцира дека „на таква меѓу партиска мимикрија кумуваат медиумите“.
-Но кога веќе во прашањето ја допирате темата за „меѓу етничките гласачки соработки“, имало и порано појави и партиски повици еден етникум да гласа за друг и топа се случувало за жал не доброволно на гласачите туку следејќи ги командите од партиските штабови. И што зборува тоа, зборува мошне видливо дека луѓето, гласачите, немаат никаков проблем да гласаат едни за други независно од етничката припадност дури и во оваа наша политички етнизирана средина.
Зборува дека граѓаните немаат комплекс да го дадат гласот за свој сограѓанин од друга етничка заедница. Проблемот е во тоа што таквите „размени“ на гласови се под партиски диктати. Но дури и тоа го сметам за позитивно во ова наше во секој поглед, па и во етнички, сложено и со куп лажни политики обременето општество, вели Иванов.
Запрашан дали на народот му е јасно за кого дава поддршка, но сепак гласа за да си го оствари личниот интерес, понекое вработување во институција, но на штета на државата, аналитичарот посочува дека на многумина не им е јасно ама не им е грижа за тоа.
-Нема толку слободни државни работни места а и администрацијата како животен работен ангажман станува се по непривлечна. На многумина важно им е лагите да им ги милуваат ушите, да си се чувствуваат комотно во доза патриотизам, во доза национализам во скудната и се поскапа потрошувачка кошничка, во најниската плата во регионов во најбедната држава во Европа, да се гордо анти ЕУ. Но тоа е еден дел од луѓето врз кој е креирана и оваа актуелна стварност за која мнозинството од нив и на овие локални избори го дадоа гласот за статус кво, посочува Иванов.
Според него, важна е другата половина што не излезе да гласа.
-Тоа е таа инаетлива, егоистична, мрмкава и социјално по комотна. Тие не се ниту незаинтересирани ниту се неутрални. Тие што молчат за македонската морална и материјална атрофија, за бесперспективноста, тие кои премолчуваат за наводните, за измислените идентитетски приказни, дел од нив влијателни академски граѓани, универзитетски наставници па и заслужни академици, куп богати бизнисмени да не испуштат некој тендер или да не заработат некаква инспекција, се таа посилната граѓанска структура кои не отсега туку кои во континуитет го негуваат овој и ваков во секој поглед беден општествен и, ако саката, антиевропски амбиент, заклучува аналитичарот.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Телма
Премиерот Мицкоски вчера истакна дека луѓето не треба да се третираат како контингенти гласови, туку како граѓани со свои судбини и убедувања.
„Ниту еден од нас нема гласови в џеб. Поддршката се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност. Во тој контекст, треба да се прифати дека поедини градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволат да ја изневерат. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Касами рече дека по испаѓањето на кандидатот на ВЛЕН во првиот круг во Кичево, природно е албанските гласови да одат кон ДУИ, претставувајќи го тоа како национално мобилизирање, а не коалициско.
Касами како кандидат на ВЛЕН за градоначалник во Тетово, првиот круг го заврши со водство пред кандидатот на ДУИ, со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ кои немаа свој претставник поради договор меѓу владините партнери. Касами сега повика и на обединување на албанските гласачи и во Брвеница и Долнени, каде во вториот изборен круг на 2 ноември ќе се соочат со ВМРО-ДПМНЕ, со што се обидува да ги придобие и подржувачите на интегративците.