Несакани ефекти од прекумерен внес на протеини

од Stefanija Kuzmanovska

Протеините го поддржуваат растот на мускулите, нè прават сити и ни помагаат да изгубиме тежина. Општата препорака е да се консумираат 0,8 грама протеини по килограм телесна тежина, но тоа зависи од полот, возраста, тежината, начинот на живот и нашите цели.

Вишокот со овој макронутриент може да има сериозни здравствени последици.

Ќе бидете жедни
Азотот се јавува како производ на разградувањето на протеините. Големите количини на азот се отровни, а можат да предизвикаат и жед, објаснува диететичарот Кејси Бјорк за „Eat This Not That“.

Зголемувањето на внесот на вода може да го ублажи овој негативен ефект.

Ќе имате лош здив
Многу луѓе го зголемуваат внесот на протеини бидејќи го намалуваат внесот на јаглени хидрати. И кога јадеме помалку јаглехидрати, телото црпи енергија од мастите. Иако ова е добро за стомачните мускули, барем на почетокот, не е идеално за здивот.

Со намалување на дневната доза на протеини и зголемување на количеството на јаглехидрати може да се реши овој проблем, но не е на одмет да се удвои внесот на вода.

Може да се здебелите
Исхраната која е богата со протеини и ниски јаглехидрати на почетокот ќе ви помогне да изгубите тежина, но на долг рок всушност може да предизвика спротивен ефект, покажа шпанско истражување.

Истражувачите испитувале повеќе од 7.000 луѓе и откриле дека оние кои јаделе многу протеини имаат 90 отсто поголем ризик да се здебелат од оние кои јаделе помалку протеини.

Можете да ги преоптоварите бубрезите
Кога јадете протеинска храна, вие исто така консумирате азот, кој природно се наоѓа во амино киселините кои го сочинуваат протеинот. Кога консумирате нормална количина на протеини, вие излачувате азот. Но, кога ќе претерате со протеините, вашите бубрези ќе мора да работат понапорно за да се ослободат од толку многу азот.

„На краток рок, тоа не е штетно за повеќето луѓе. Но, ако јадете повеќе протеини на подолг период, ризикот од оштетување на бубрезите може да се зголеми“, забележува Бјорк.

Може да го скрати животниот век
Според студијата објавена во „Cell Metabolism“, која следела илјадници возрасни речиси 20 години, оние кои консумирале храна богата со животински протеини имале четири пати поголема веројатност да умрат од рак отколку оние чија исхрана содржела помалку протеини.

И други го потврдуваат ова откритие. Студијата цитирана од WebMD, спроведена на илјадници луѓе, покажа дека оние чија исхрана е богата со протеини имале 66 отсто поголем ризик од смрт во текот на студијата отколку оние кои јаделе помалку протеини.

Консумирањето повеќе протеини отколку што треба е една од најлошите навики во исхраната, која го скратува животниот век, пренесува Index.hr.

Може да се појави гадење
Бјорк вели дека кога ќе претерате со консумирање пилешко бело месо, протеински шејкови и јајца, дигестивните ензими тешко дека ќе можат да се справат со тоа.

„Тоа може да доведе до појава на гадење“, додаде таа.

Слични содржини