Дел од бугарските медиуми и аналитичари објавуваат дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе пристигне во посета на Македонија, за помалку од две недели.
Во текст на бугарски „BTV“ стои дека владеачката ВМРО-ДПМНЕ е блиска до партијата Фидес на Орбан и се наведува дека во првите денови на новата македонска влада, Орбан ни даде заем од 500 милиони евра.
„Посетата на Орбан не е случајност и не е културна дипломатија. Орбан е срцето и душата на агресијата врз Бугарија од Северна Македонија. Тој е банката и финансиерот на сите медиуми во РСМ кои објавуваат антибугарска пропаганда“, изјавил бугарскиот новинар Љубчо Нешков.
Тој додал дека Мицкоски ќе замине на 19-ти септември во Брисел за да преговара „да помине како жртва“.
„Кој е авторот на ова? Вучиќ – кој постојано повторува од утро до вечер дека Србија е жртва, дека светот е против неа, дека ја обвинуваат за злосторства што инаку ги направила“, додал новинарот во емисија на бугарски „BTV“.
Бугарскиот медиум наведува дека веста за посетата на Орбан доаѓа во исто време посетата на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на Софија, каде ќе оствари средба со нејзиниот бугарски колега Румен Радев. Во македонската делегација ќе бидат и министерот за култура Зоран Лутков, како и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.