Српскиот премиер Александар Вучиќ пристигна утринава во градот Лепосавиќ, првата точка од неговата посета на претежно со Срби северниот дел на Косово, пренесе МИА.
Почетокот на посетата сепак мина под сенката на бомбашкиот напад рано утринава во салата во Зубин поток, каде Вучиќ денеска попладне требаше да упати обраќање до граѓаните на Косово. Во зградата беше фрлена бомба, а потоа беше стрелано и со автоматско оружје.
Во нападот е оштетен само еден автомобил, изјави портпаролот на косовската полиција Бесим Хоти, цитиран од агенциите.
Шефот на српската владина Канцеларија за Косово Марко Ѓуриќ го опиша нападот како “терористички чин”.
“Силна Србија ништо не може да ја исплаши”, изјави Вучиќ пред насобраниот граѓани и додаде дека се лаже секој кој мисли дека такво нешто го натера да размисли за својата посета на Косово.
Според податоците на полицијата за време на нападот во зградата имало десетина работници кои се инсталирале сцена. Ниту еден не е повреден. Започната е истрага.