Неухранети околу милион авганистански деца

од Stefanija Kuzmanovska
248 прегледи

Обединетите нации објавија дека околу еден милион деца помлади од пет години во Авганистан годинава ќе страдаат од најтешката форма на неухранетост.

Според извештајот на ОН, поради зголемувањето на сиромаштијата во Авганистан, на зголемен број луѓе им е потребна помош, додека глобалните цени на храната растат поради војната во Украина, а ветувањата за меѓународно финансирање на помошта се уште не се реализирани.

Според проценките на УНИЦЕФ, проценетиот број на авганистански деца кои ќе страдаат од неухранетост е речиси двојно поголем отколку во 2018 година.

Претставникот на УНИЦЕФ во Авганистан Мохамед Аг Јоја минатата недела објави дека расте бројот на сериозно неухранети деца во болниците. Од март 2020 до март 2021 година, бројот на болнички приеми на неухранети деца се зголемил од 16.000 на 18.000, а во март годинава се зголемил на 28.000 приеми.

Според УНИЦЕФ, најтешката форма на неухранетост кај децата предизвикува оштетување на имунолошкиот систем до таа мера што тие стануваат подложни на разни болести и со текот на времето стануваат толку слаби што не можат да ги апсорбираат хранливите материи, пренесува „Бета“.

Откако Талибанците ја презедоа власта во Авганистан, многу светски развојни агенции се повлекоа од земјата, а според податоците на ОН, на крајот на минатата година половина од Авганистанците живееле под границата на сиромаштија.

Слични содржини