Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар во вчерашното гостување на телевизијата Алфа изјави дека луѓето кои одбиваат да се вакцинираат, на еден начин претставуваат потенцијални самоубијци, а за самоубијците, според Црквата, нема место во Царството небесно.
„Не сакам да ме разберете погрешно, но ако јас не се вакцинирам, а дојде до смртен случај, тогаш јас сум потенцијален, па дури и вистински самоубиец. А вие добро знаете дека на самоубијците не им е дозволено да влезат во Царството небесно. Јас го прележав ковидот и сега зборувам како човек кој ја искусил болеста. Јас бев во тешка здравствена состојба и само јас си знам како ми беше“, рече владиката Петар.
Тој додаде дека Црквата не е против оние што не сакаат да се вакцинираат од оправдани здравствени причини, но нејзин став сепак е дека секој треба да се имунизира, оти вирусот може да му го искомпликува здравјето и животот.