Манчестер Јунајтед очајно има потреба од нов голман, бидејќи позицијата се покажа како проблем за тимот, со оглед на лошите настапи на Андре Онана и Алтај Бaјандир. Ова мислење го изрази поранешниот играч на „црвените ѓаволи“ и сегашен стручен коментатор на „Скај Спортс“, Гари Невил, кој му препорача на клубот да потпише некој помеѓу Емилијано Мартинез и Џанлуиџи Донарума.
Рубен Аморим одлучи да го остави Онана на клупата за првиот натпревар од сезоната против Арсенал и се одлучи за Бајандир, чија очигледна грешка по корнерот доведе до единствениот гол на натпреварот.
„Постои еден очигледен проблем што Манчестер Јунајтед не може да го игнорира, а тоа е фактот дека треба да најдат голман. Мораат. Јас сум категоричен во ова прашање бидејќи имав 20 години искуство со Манчестер Јунајтед, каде што имаше два одлични периоди од седум или осум години со Питер Шмајхел и Едвин ван дер Сар. Во меѓувреме, имавме седум или осум голмани во период од шест, седум, осум години и навистина е загрижувачки кога немате квалитетен број 1 кој е доминантен во воздухот, кој го поседува својот шеснаесетник и прави многу одбрани за да освои поени за тимот кога дефанзивците прават грешки. Не знам колку се притиснати од финансиските регулативи, но можеби треба да соберат малку повеќе пари во наредните недели или да земат некого на позајмица. Двајцата кои беа споменати во последните две недели се Еми Мартинез и Џанлуиџи Донарума. Причината зошто мислам дека тие би биле добри голмани за Манчестер Јунајтед не е нужно затоа што се најдобрите голмани во Европа, туку затоа што се одлични личности и карактери“, рече Невил.