Универзитет „Гоце Делчев “ – Штип: Невистинити се информациите дека лекари од Клиниката Жан Митрев незаконски предаваат на Медицинскиот факултет во Штип

од Nikola Popovski
339 прегледи

Непроверени и невистини се информациите дека лекари од Жан Митрев клиника незаконски предаваат на Медицинскиот факултет ‛Гоце Делчев‛ – Штип, се вели во писмената реакција до медиумите од страна на Универзитетот„Гоце Делчев “ – Штип.

Лекарите кои предаваат на оваа образовна институција не се вработени на Универзитет „Гоце Делчев “ – Штип, туку врз основ на избор во насловни звања (насловен доцент, односно насловен вонреден професор) се ангажирани на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Ова е во согласност со член 182 од Законот за високо образование (Сл. весник бр. 82/18) кој вели: „Афирмирани научници, уметници и стручњаци од практиката, кои ги исполнуваат условите за избор во звања, а за кои нема слободно место за избор во наставно-научно звање, можат да се избираат на универзитет во звањето насловен доцент и насловен вонреден професор, според условите и постапката утврдени со овој закон.

Лицата избрани во насловни звања можат да учествуваат во вршењето на високообразовна дејност најмногу до 30% од редовните обврски на соодветното наставно-научно звање. Видот и обемот на учеството на лицето избрано во насловно звање во вршењето на високообразовната дејност го утврдува наставно-научниот совет на факултетот во согласност со општиот акт на Универзитетот“.

Со ангажирањето на овие лекари специјалисти, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип нема прекршено ниту една законска обврска, туку напротив во фер и транспарентни постапки, согласно со законските можности, ангажира истакнати и афирмирани стручњаци од соодветните области, сѐ со цел обезбедување на највисок квалитет на наставата на студентите по медицина како особено значајна гранка во општеството, се вели уште во реакцијата.

Слични содржини