Невладината италијанска организација „Second Tree“ објави детали за мигрантката од Сиера Леоне, која пред седум дена беше застрелана кај касарната во Гевгелија. Според објавата, трагичниот настан се случил само што Фатмата ја поминала границата на Грција, каде што била одбиена за азил.
Невладината посочува дека два месеци пред да биде убиена, Фатмата му кажала на сопругот Абу Бакар дека е бремена.
-Немале документи, ниту пари, па никогаш не направиле тест. Тој се уште не знае дали нивното прво дете починало со сопругата, објави „Second tree“.
Во објавата се додава и дека нејзиниот сопруг бил со неа кога била застрелана.
-Таа го извикала неговото име а, потоа тој молел за помош. Видеото на кое се гледа Абу Бакар како ја гушка Фатмата и го извикува нејзиното име додека таа крвари на подот од прострелната рана, остава само празнина, стои во текстот на невладината организација.
Според МВР, Фатмата беше усмртена откако полицаец пукал по обидот на еден од криумчарите на мигрантите да му го одземе пиштолот.
– Од страна на полициски службеници биле забележани патничко моторно возило „мерцедес“, управувано од К. Ј. (26) и патничко моторно возило „форд фокус“, управувано од С.Б. (51), двајцата од Скопје, во кои илегално се превезувале мигранти. Возилата биле запрени од страна на полициски службеници, по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а при тоа К.Ј. физички нападнал полициски службеник, обидувајќи се да му го одземе пиштолот. Притоа, полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите, кој веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на Итна медицинска помош за укажување лекарска помош каде починал, објавија пред седум дена од полицијата.
Двајцата криумчари на мигранти се уапсени, но нема информации за истрагата и што е утврдено ниту пак е објавено каде и кому е предадено телото на младата жртва.