Невладини организации со осуда: „Најстрога казна за двајцата, со што би се превенирало секој иден Латас и Лазаров да можат да имаат ваква јавна платформа“

од Nikola Popovski
529 прегледи

Не стивнуваат реакциите после контроверзното интервју на новинарот Драган Павловиќ – Латас на подкастот кај јутјуберот Стефан Лазаров. И додека осуда стигнува од речиси сите страни за злоставување и силување на девојка за кое Латас вели дека се случило и учествувал пред 40 години, двајцата говорници во подкастот се оградија од ваквиот наратив и тврдат дека се работи за хајка против нив.

„Живееме во држава во кој се чека момент да се уништи некој и дека нема проблем со тоа, но да прифати дека е подржувач на силување нема никогаш. Жално е што се дига лажна хајка и се оцрнува моето име и се она што го работам изминативе години“, стои во една од многуте објави на јутјуберот.

Латас од друга страна е дециден дека не изјавил такво нешто. „Не постои моја изјава, никаде и никогаш, за силување особено не на кое јас сум присуствувал. Значи, нема ни во посочената емисија, подкаст, кој е најпопуларен во државава а замисли се уште не е под ваша контрола“, коментира новинарот на објавата на Хелсиншки комитет на обвинувањата за злоставување на девојка.

Невладините организации со неверување гледаат на ваквиот говор од страна на долгодишниот уредник и новинар. Од ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување за „Локално“ велат дека говорот во подкастот не само што е недоличен, туку подлежи на законска одговорност и секако дека најостро го осудуваат.

-Недозволиво е јавна личност и водител, инфлуенсер, кој има широка гледаност, особено кај млади луѓе кои се во развој и го градат својот вредносен систем, да пласира информации кои на големо поддржуваат сексуално насилство и мизогинија. Говор во кој со таква леснотија се обезвреднуваат жените, до тој степен да без нималку задршка постои исмевање за најтешкиот облик на родово базирано насилство и отсуствува каква било свесност за одговорност, не би требало да помине неказнето. Одговорност мора да има! Не смееме да замижуваме и да ја нормализираме оваа реторика, бидејќи во спротивно, жените во нашата држава навистина ќе бидат препуштени сами на себе, да преживуваат која како умее. Секој кој добива простор во кој било медиум, ја носи одговорноста за се‘ што ќе изусти, особено ако целната публика се млади луѓе, потенцираат од асоцијацијата.

Додаваат дека „колку што е фрапантен показател за тоа како се поима положбата на жената кај нас, ова интервју е истовремено и еклатантен пример за токсичната мажественост – главната традиционална вредност што се пренесува од колено на колено кај нас“.

-Јасно исцртувајќи кој каква улога треба да игра во општеството доколку сака да биде прифатен, од оваа токсична мажественост не страдаат само жените и девојките кои се најчести жртви на насилството, туку и самите момчиња и мажи и тоа уште од најмали нозе. Отсуството на каење, срам, па дури и потреба за извинување се само уште една потврда за искривените вредности што на големо се промовираат, децидни се од ХЕРА.

Од таму го поздравуваат денешното известување дека Јавното обвинителство отворило предмет за објавеното интервју на Јутјуб и инсистираат сето ова да има правичен исход.

-Ова секако дојде по лавината реакции на социјалните мрежи и јавната осуда на сексуалното насилство и на неговата бескрупулозна промоција. Основи за правно постапување има многу – доколку надлежните институции сакаат да постапуваат. Како за почеток, можат да постапат за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и можат да пресудат најстрога законска казна и за двајцата со што би се превенирало секој иден Латас и Стефан да можат да имаат ваква јавна платформа. Има основа и за други кривични дела поврзани со родово базиран говор на омраза и насилство. Во систем што поттикнува насилство, не очекуваме жртвата на делото сторено пред многу години да го пријави, па да се соочи со ревиктимизација, што која е редовна пракса кај нас. Но, доволно е системот по другите основи да почне да постапува и не само да ги започне постапките туку и да ги истера до крај доколку сака барем малку да ни ја врати вербата дека сме правна држава, посочуваат од невладината организација.

За тоа како да се искорени ваквата реторика, од ХЕРА велат дека „држава што не постапува е држава што силува“.

-За жал, ни се чини дека овој слоган уште долго ќе важи, а особено кога девојки и жени се охрабруваат јавно да проговорат и да го пријават насилството во нашата земја. Заедница што го толерира насилството, ги охрабрува ликовите како Латас и Стефан да се фалат и восхитуваат на сексуалното насилство и да им даваат пример на млади луѓе кои, на пример, уште немаат сеопфатно сексуално образование во училиштето. Па така, ко за почеток, на луѓе како Стефан би требало да им биде одземена можноста да бидат во допир со каков било медиум, а сите спонзори на неговиот подкаст би требало да се оградат и да ја повлечат својата поддршка, со што исто така ќе се прати порака дека шовинизмот, омразата кон жените и насилството се неприфатливи, ни рекоа од асоцијацијата.

Потенцираат дека родителите се клучната алка во воспитувањето на децата, но не смееме да заборавиме на училиштето каде што децата исто така треба да учат за емпатија, солидарност, поддршка, другарство, врски и релации кои се засноваат исклучиво на почит и еднаквост.

-Училиштето е местото каде што децата треба да имаат можност да ги преиспитуваат штетните патријархални норми, каде што ќе учат колку е штетна токсичната мажественост за сите во општеството, ќе учат како да го препознаваат насилството и свесно ќе се учат да учествуваат во градење на култура во која повредувањето на послабиот и ранливиот е недопустливо и не смее да се толерира. Овие примери само ни потврдуваат колку е ургентно да се воведат сеопфатно сексуално образование и наставни програми кои учат на родова рамноправност и поттикнуваат ненасилна и поддржувачка комуникација и култура која промовира безбедност. Но, за да се искорени ваквата реторика мора да функционира целиот систем којшто ако не казнува, на некој начин одобрува и поттикнува. И тука мора да се направи рез и итно да почнат да постапуваат институциите. Постојат закони коишто ако се применат доследно и редовно, може да направат огромна промена, па така секоја јавна личност, медиум или инфлуенсер ќе треба да биде свесен за одговорноста пред да реши да промовира мизогинија и родово базиран говор на омраза, било да е тоа во традиционалниот јавен простор или на социјалните медиуми. Полицијата, Јавното обвинителство и судовите мора да се разбудат од зимскиот сон којшто трае предолго – во спротивно, се соучесници во оваа токсична мачоизирана култура што произведува насилници и силувачи на девојки, укажуваат од ХЕРА.

Според невладината организација, и покрај постоењето на закони кои го третираат насилството, „културата на неказнивост не‘ доведе таму кај што сме денес“.

-Пред само неколку дена се одржа протест пред МВР каде што девојки и жени порачаа дека не се чувствуваат безбедно во своите градови, барајќи од надлежните да престанат да ги прашуваат жртвите зошто се возеле ноќе во такси или биле вака или онака облечени, туку да си ја работат работата и да не дозволуваат да им избегаат сторителите на насилство пред нос! Законодавството е строго, но праксата покажува дека досега, со мали исклучоци, најголемиот проблем е непостапувањето на институциите. Последниов пример само илустрира колку се излезени работите од контрола и дека предолго се толерираат насилниците и силувачите во ова општество, ни рекоа од ХЕРА.

Уште една невладина организација го осуди ваквиот немил настан. Според Кризен центар „Надеж“ ваквото однесување „дефинитивно е недолично“.

-Исмевање на ваков чин, тоа што го раскажуваат воопшти не е смешно. Да се зборува за тоа на ваков начин не само што е недолично, туку е срамно, велат од невладината за „Локално“.

Додаваат дека правно не е можно да се суди за делото за предметот кривично дело силување.

-Невозможно е после толку време. Со овие што имаат јутјуб канали дека не се подложни на прогон во таа смисла. Нашата реакција е осудителна, посочуваат од „Надеж“.

Според нив, мора да се работи повеќе на свесноста на луѓето и пред се младите, дека ваквите настани не се нормални.

-Ние можеме да препорачуваме да не се слушаат ваквите емисии и интервјуа, иако повеќе можеби треба да се работи на свесноста дека таквите чинови не се нормални. Тоа што го видов во интервјуто, се зборува како да не е нешто нормално. Ова не е нормално, ова е насилство, а насилството е кривично дело. Треба да се подигнува свесноста за тоа и да се размислува на таа тема и да се учат помалите и помладите дека ваквите чинови не се смешни и дека треба да се избегнува до нешто што не доведува дека нешто е нормално, ни рекоа од Кризен центар „Надеж“.

Во меѓувреме се огласија од Државното јавно обвинителство, од каде што соопштија дека е покренат предмет за кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал
по пат на компјутерски систем“ по Член 394-г од Кривичниот закони, попознато како говор на омраза.

Реагираше и МВР Од таму наведоа дека поднесено е известување до надлежното Јавно обвинителство, во врска со претходно објавено интервју на С.Л. со Д.П.Л., како подкаст на Јутјуб канал.

-Имено, Известувањето е поднесено по преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, заедно со целокупниот документиран материјал за понатамошно постапување, потенцираат од полицијата.

Н.П.

Слични содржини