Невладините утре излегуваат на нов протестен марш за чист воздух

од Nikola Popovski
32 прегледи

Невладините организации и здруженија утре повторно ќе излезат на протест откако не добија одговор на нивните барања за спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето. Протестниот марш за чист воздух започнува во 12:30 часот од Министерство за животна средина и просторно планирање, продолжува преку Собранието, Владата и ќе заврши пред зградата на Град Скопје.

-Протестираме повторно откако надлежните институции не најдоа за сходно да одговори на барањата на граѓаните за чист воздух изразени на протестот што се одржа на 10 декември.

Протестираме бидејќи секоја година повеќе од 3800 луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.

Бараме од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на овие ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето, стои во соопштението на повеќе здруженија меѓу кои се „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „О2 иницијатива“, „На точак“, „Независни за Карпош“…

Невладините организации и здруженија побараа од надлежните институции, Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот.

Од итните мерки бараат: Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат, забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот утврден според член 145, став (2), алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно на ограничувањето на брзината во населени места од 50 km/h).

Владата неодамна соопшти дека со зајакнати контроли и забрани ќе се бори против енормното загадување. Со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и намалување на емисиите на загадувачки супстанции при алармантно загадување на воздухот, донесен е Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции. Исто така донесена е наредба за воведување на десет мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции кога ќе го надминат дозволениот праг. 

Слични содржини