Невреме од пороен дожд, силен ветер и грмотевици денеска околу 15 часот и 45 минути го зафати Скопје. Првичните информации говорат за откорнати дрвја и неколку поплавени улици.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека паднати се повеќе дрвја и оштетени неколку коли. Едно возило е оштетено при пад на дрво во скопската населба Аеродром, поточно во Мичурин во близина на основното училиште „Блаже Конески“.
Засега нема пријави за повредени граѓани.
Во моментов, времето се разведрува и облаците се движат од запад кон исток.
Од УХМР најавија дека слично време – многу топло претпладне и нестабилно попладне се очекува и за утре.
-Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди, повремено нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме, се најавите од УХМР за утрешниот ден.