Незадоволни ли се граѓаните од политиката на Владата кон Русија? „Секогаш треба да се гледа нарачателот и веднаш ќе се знаат однапред и резултатите“

од Nikola Popovski
311 прегледи

Повеќето граѓани на земјава не се задоволни од надворешната политика во однос на случувањата во Украина и во однос на Русија и не ги одобруваат санкциите кои Македонија ги спроведува кон Руската федерација, барем последното истражување кое го спроведе агенцијата „Маркет вижн“ за порталот МКД.

Според анкетата, 34,5 % од анкетираните Македонци и 11,5% од анкетираните Албанци сметаат дека не водиме мудра надворешна политика во однос на случувањата во Украина.

За дел од експертите ваквите податоци се зачудувачки и сметаат дека секој човек мора да ја осуди руската агресија.

Аналитичарот Ненад Јовановиќ за „Локално“ вели дека не е сигурен оти нашите граѓани се за неутрален став на земјава.

Ненад Јовновиќ

Ненад Јовновиќ

-Во коментарите кои што можам јас да ги прочитам, граѓаните јасно зборуваат и пишуваат дека ја осудуваат руската агресија во Украина и мислам дека сите во моментов ја користат и злоупотребуваат оваа војна за да пумпаат наративи во сопствените табори, кажува Јовановиќ.

Според него, не е јасно дали се менува расположението кај граѓаните во земјава или тоа е генерирано.

-Мојот став е сепак дека мора да се влезе во директно поддржување на Украина и ЕУ. Можеби ова звучи парадоксално, но на сите оваа војна им е некако потребна освен на Русија и Путин. Ако украинската нација не беше единствена и доволно компактна и изградбата на нацијата не беше довршена, денеска ова што го прави Путин е најголемата хомогенизација на Украина и ЕУ, потенцира Јовановиќ.

Аналитичарот смета дека податоците од прашањето на оваа анкета е терен за „препукување“ на партиите меѓу себе.

-Да не заборавиме дека оваа војна ја користат и политичките партии за внатрешни позиционирања. За мене е многу поважно СДСМ да има јасен став кој е нивниот однос кон војната во Украина. Ако сме на страната на жртвите односно кон Украинците, тогаш мораме јасно да се одредиме дека сме на таа страна. Со тоа автоматски имаме огромна поддршка од ЕУ и САД. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат латентен и прикриен став кон Украина и ги поддржуваат, но не се конкретни. Тие всушност ја ловат оваа приказна дека општото граѓанство и тој десничарски став да сме ние неутрални. Десницата игра помеѓу неутралноста на народот, но никогаш нема да даде јасна осуда на војната во Украина. Апсолутно е многу поманипулативен Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кон Украина отколку искреноста и добрите намери на СДСМ во однос на инвазијата во Украина. Тие е два вредносни компоненти во кои било кој нормален и пристоен човек кој е на страната на европските интеграции, мора да ја осуди Русија, рече аналитичарот.

Од друга страна аналитичарот Агим Јонуз вели дека „немаме свој став и политика туку ги следиме ставовите на оние што се посилни и одлучувачки“.

Агим Јонуз

Агим Јонуз

-Доколку сами одлучуваме, повторно би биле поделени мислењата затоа што прославјанскиот свет е против санкциите кон Русија. Никогаш нема да биде тој хомоген амбиент на одлучување. Зависиме многу од нашите стратешки партнери. Како се нивните ставови, такви се и нашите, вели тој за „Локално“.

Околу расположението на граѓаните, Јонуз вели дека „доаѓаме до она на која страна си како фактор на мислење“.

-Со оглед дека ние му припаѓаме западниот блок, се обврзуваме за нашите стратешки партнери. Ние не смееме да имаме различно мислење од мислењето пред се на САД. Ние само следиме туѓи ставови, кажува Јонуз.

Аналитичарот вели дека „партиите секогаш ќе си создаваат терен за препукување, а анкетите кои вршат анализи и пласираат информации, се секогаш се на страна на оној што тој го плаќа“.

-Многу е релативно да се влегува во било која анкета. Се зависи од актуелната политика на која што агенцијата е наклонета. Клучната поента е во тоа што секогаш позицијата и опозицијата ќе си создаваат амбиент во кој што може да имаат причини за препукување, со цел секој да ги правда своите ставови, дециден е Јонуз.

Светот со новите дигитални технологии, и новите медиуми (социјалните мрежи) е мета на лажни вести, спинови и полувистини, извртени тези и факти, вели за „Локално“ аналитичарот Благојче Атанасовски за анкетата на „Маркет Вижн“ и прашањето за санкциите кон Русија и расположението во нашето опшество кон руската агресија во Украина.

Благојче Атанасовски

Благојче Атанасовски

Според него, освен реалната воена агресија на Русија врз Украина, ние сме сведоци дека има и хибридна војна на информации.

-По сите релевантни истражувања, Македонците се едни од функционално неписмените народи во Европа (не знаат да разликуваат лажна од вистинска вест), па оттука го гледам овој голем процент на поддршка на рускиот диктатор во однос на неговата агресија врз украинскиот територијален интегритет и суверенитет. Второ, Македонците (особено етничките), имаат огромна фрустрација кон ЕУ и НАТО (САД), кои влечат корени од негацијата на нашето уставно име, беневолентното дозволување на меѓународната заедница на Грција тоа да го прави и воениот конфликт од 2001-та,па сега, ова го чувствуваат како конечна победа или покажување отпор на,, империјалистичкото зло”. Нека ми простат засегнатите, но за мене тоа се,, аргументи и ставови” на луѓе со коефициент на интелигенција колку една потполошка или помалку и луѓе кои имаат проблем со психопатолошката душевна состојба!, порачува Атанасоски.

Тој вели испитувањата на јавното мислење по односната тема, често пати е теледиригирано, насочено и спинувано, се со цел да се добие посакуваниот резултат и вели дека секогаш ги зема со доза на резерва.

-Секогаш треба да се гледа нарачателот и веднаш ќе се знаат однапред и резултатите, кои потоа се презентираат како релевантни мислења и ставови „на народот“. Кај нас се местеле институционално избори, не пак истражување на јавно мислење. Особено што никој нема никаква (ниту морална) одговорност за погрешно иследување или презентирање на добиените податоци од реалната фактичка состојба. Особено што истите претставуваат и перење за пари од агенции кои се блиски до одредени политички партии и центри за моќ. Граѓаните да се внимателни и секогаш со доза на резерва да ги прифаќаат овие „истражувања“. Јас со индигнација ги отфрлам, бидејќи знам дека се најдоброто оружје на тоа што денеска модерно се нарекува спин!, посочува Атанасоски.

Тој не смета дека ваквото прашање на анкетата дека би требало да создаде терен за партиски препукувања, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ е за санкции против Русија и ја осуди руската воена агресија во Украина.

-Единствено, можеби ако го смениле надворешнопартискиот курс на водењето на политиката, па се придржуваат до „гласот на народот“. Тогаш директно влегуваат во таборот на Левица во прегратките на кремљфилијата, Путиновите вредности за општество и поимање на, „демократијата“ и е чесно да кажат пред своето членство и граѓаните. Во тој аспект барем нацидеснчарите од Левица се искрени. ДПМНЕ нема да може уште долго време да глуми прозападна и евроатлантска партија, а со срцето и умот да биде идолопоклоник на Путин и неговата политика. Тоа можеби им функционираше во минатото, многу успешно и со години добро, но овој пат целата геополитичка конјуктура е сменета и таков курс, воопшто нема да биде толериран од САД и највисоката надворешна американска дипломатија, оценува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини