Независната угостителска комора: Освен за локалите, казни и за музичарите и гостите

од Берта Китинска
433 прегледи

Од Независната угостителска комора побараа казни и за музичарите кои учествуваат на настани каде што се кршат сите мерки за заштита од ковид-19, а ја повикаа полицијата да ги открие и гостите и да ги спроведе во државен карантин или во самоизолација.


Не само кривични пријави како, казна за локалите што ги кршат мерки за заштита од коронавирусот – туку во целост да им се забрани вршење на дејноста, бара Независната угостителска комора.

„Изминатите денови сведоци сме на т.н. масовно непочитување на протоколите за работа кај дел од угостителите и угостителските објекти во повеќе градови на Македонија. Фактот дека и по разни извршени инспекциски надзори и контроли угостителските објекти и понатаму продолжуваат да работат, прекршувајќи и не почитувајќи ги во целост сите протоколи за работа на угостителски објекти, со што го доведуваат и загрозуваат целосно здравјето на угостителските работници, како и јавното здравје на сите граѓани и гости, со што во целост ја загрозуваат и деградираат егзистенцијата на угостителската индустрија, апелираме до Владата и сите инспекторати за овие угостители и угостителски објекти, не само да поднесуваат Кривични пријави туку да применат поригорозни мерки, максимално да ги санкционираат и во целост да се забранат со вршење на дејноста“,се вели во нивниот допис.

Тие го повикаа Пазарниот инспекторат да ги затвори овие објекти, а имињата на нивните сопственици бараат јавно да бидат објавени.

„Очекуваме директорот на ДПИ, Стојко Пауновски, да ги одржи своите зборови, да издаде решенија и да ги затвори и пломбира овие угостителски објекти и јавно да ги објави имињата на сопствениците на угостителските објекти кои не ги почитуваат протоколите за работа и вршат дејност целосно во спротивност со пропишаните здравствени протоколи“, се вели во нивниот допис.

Оттаму го повикаа Здружението на естрадни уметници и сите диџеи, естрадни уметници и музички групи „да не дозволуваат да бидат користени нивните имиња како носители и причинители за организирање разни прослави и настани и да не настапуваат на места каде што угостителските објекти немаат лиценци за работа, односно во угостителски објекти каде што не се почитуваат соодветните протоколи за работа“.

Од Независната угостителска комора, освен за локалите, побараа казни и за музичарите и за гостите во локалите, па го повикаа МВР да ги открие учесниците и да ги спроведе во државен карантин или во самоизолација.

„Очекуваме од ДПИ да ги санкционира и сите музички групи, диџеи и естрадни уметници кои придонесуваат со своето учество да бидат организирани разни настани и забави каде што не се почитуваат протоколите на работа и да бидат подеднакво санкционирани како и угостителските објекти, а нивните имиња да бидат јавно објавени. Апелираме и очекуваме од останатите институции и МВР да ги евидентираат и сите гости кои придонесуваат за прекршување на протоколите за работа да бидат соодветно санкционирани и веднаш бидат упатени во државен карантин или во самоизолација“ велат  од Комората.

Оттаму се оградија и ги осудија постапките на нивните колеги, кои, како што велат, ја користат кризата за личен профит и апелираа што поскоро на сите да им биде дозволено и овозможено да работат за да можат да ја „преживеат“ пандемијата.

Слични содржини