„Независни за Карпош“ бара преку „Сејф сити“ да се открие кој носи бездомни кучиња од Албанија и Кичево

-Бараме формирање на кризен штаб во општина Карпош, сочинет од вработени во општината, претставници од Град Скопје и по можност од другите општини во градот, лица од МВР, АХВ, Лајка и по потреба ветеринари кои работат на територија на општината, велат од граѓанската иницијатива

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Фејсбук/Татјана Стојановска

Граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ бараат итно да се преземат конкретни чекори во решавање на проблемот со бездомните кучиња и глутниците кои се формираат во Карпош, а кој ескалира од ден за ден. Бараат формирање на кризен штаб во општина Карпош, сочинет од вработени во општината, претставници од Град Скопје и по можност од другите општини во градот, лица од МВР, АХВ, Лајка и по потреба ветеринари кои работат на територија на општината.

Кучињата кои се идентификувани од други општини (како пример Кичево) или држави (Албанија), да се вратат назад под итно и да се идентификуваат чинителите со помош на МВР и камерите на „Сејф сити“ и соодветно санкционираат.

-Да се проверат камерите за веќе пријавените денови и локации кога е јавено дека е истоварена група бездомни кучиња во Карпош и да се даде извештај што е направено по ова. Постојани патроли да има на сите влезови / излези од општина Карпош кои ќе проверуваат возила во кои може да се транспортира група на кучиња и да ги проверуваат. Измена на закони, подзаконски акти, ако е потребно за да се реши овој проблем, кој е врзан со другите општини на ниво на цела држава.

Од таму велат дека Карпош не може да се справи со нови и нови глутници на бездомни кучиња на своја територија. Лајка не може да постигне со заловување на истите, потребна е помош, а и нивниот дел е да ги вратат назад каде ги нашле, што не го решава проблемот воопшто, истакнуваат од групата на граѓани.

Според „Независни за Карпош“, бројот на бездомните кучиња само во делот околу Сити Мол и кејот е над 30-тина, според сведоштва на жители и постојано расте.

-Во последниот месец имаше неколку напади на луѓе, покрај Сити Мол и на кеј, а прашање на време е кога ќе се случат нови, како што е и вчерашното давење мачки на улица Невеска во Карпош 4. Родителите со право се загрижени за своите деца, после чести напади од глутници на кучиња. Општината не смее да дозволи граѓаните да живеат во страв и/или да преземат мерки на своја рака, кои би го загрозиле животот на животните и луѓето, а што е реално многу веројатно со оправданата паника која расте меѓу жителите. Општина Карпош, како општина со голем број пријавени напади, е должна да преземе ИТНИ и КОНКРЕТНИ активности за да го реши овој проблем. Неприфатливо е постапување како до сега. Барањето е испратено до градоначалникот и очекуваме овојпат навистина брза и координирана реакција, порачуваат од граѓанската иницијатива.

Неодамна градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека системот „Сејф сити“ ќе се се употреби и за да се овозможи идентификација и санкционирање на лицата кои несовесно ги оставаат животните на територијата на градот. На, тој начин градот Скопје ќе се обиде да ја намали бројката на улични кучиња кои талкаат по улиците во речиси сите населби на главниот град. Тој наведе дека обезбедени се 30 милиони денари за проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња.